178/1996-1-0

178/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 септември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), во делот кој гласи “општи акти за поблиско уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување”.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 163 точка 1 и член 169 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 34 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што предвидувале фондот за пензиското и инвалидското осигурување да носи општи акти со кои поблиску ќе ги уреди правата од пензиското и инвалидското осигурување, иако според Уставот правата од социјалното осигурување се уредувале со закон и со колективен договор, а не и со општи акти на Фондот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 160 точка 6 од Законот е предвидено во фондот да се донесуваат статут на Фондот и општи акти за поблиско уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

5. Во член 34 од Уставот на Република Македонија е определено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 34 од Уставот на Република Македонија е определено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Од оваа уставна одредба произлегува дека правата од областа на социјалното осигурување се утврдуваат со закон и со колективен договор. Притоа, со Уставот не се определува обемот на законското уредување и прашањата што ќе бидат уредени со колективни договори. Исто така, Уставот не ја определува содржината на социјалното осигурување односно правата што следуваат врз основа на ова осигурување. Тоа значи дека со законот или со законите од оваа област како и со колективни договори треба да бидат утврдени правата од социјалното осигурување кои еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници и да бидат утврдени начини во остварувањето на овие права.

Притоа, од наведената уставна одредба произлегува дека не е допуштена можност со општи акти на Фондот поблиску да се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување.

Со оглед на тоа што во оспорениот член 160 точка 6 од означениот дел е генерално овластен Фондот за пензиското и инвалидското осигурување да донесува општи акти со кои поблиску ќе се уредат правата од пензиското и инвалидското осигурување, кои според Уставот можат да бидат уредени само со закон и со колективни договори, пред Судот се постави прашањето дали оваа одредба е во согласност со член 34 од Уставот.

6. Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот член 163 точка 1 од Законот е предвидено Управниот одбор на Фондот да донесува статут и други акти на Фондот, а во оспорениот член 169 точка 2 од законот е предвидено дека со Статутот на Фондот особено се уредува, покрај другото, и начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со законот.

Со оглед на тоа што согласно членовите 8 и 9 од Законот Фондот има својство на правно лице што врши дејност од јавен интерес, не е во несогласност со Уставот налдежните органи во Фондот да донесуваат статут и други општи акти со кои ќе се уредат одредени организациони и други технички прашања за начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 163 точка 1 и член 169 точка 2 од Законот со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.178/96)

Leave a Reply