101/1996-0-0

101/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Упатството за начинот на остварување на одлуките за трансформација на претпријатијата со општествен капитал – по модели за трансформација, донесено од Управниот одбор на Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/95).

2. СЕ УКИНУВА решението по предметот У.бр.101/96 за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на 26 јуни 1996 година.

3. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Менаџерскиот тим АД “Колектив” – Скопје, претставуван од Митевски Јован, со решение У.бр.101/96 од 26 јуни 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на упатството означено во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.

5. Судот на седницата утврди дека со Упатството се герулира основниот начин на остварување на одлуките за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и се утврдува основната содржина на дејствијата и актите што се донесуваат во текот на реализација на одлуките за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

6. Според член 8 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, кое, според член 68 став 1 алинеја 2 од уставот, донесува закони и дава автентично толкување на законите. Носител на извршната власт, според член 88 од Уставот е Владата на Република Македонија, која согласно член 91 од Уставот ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според член 95 од уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби, произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон при што се има предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт. Понатаму, уставниот принцип по однос на утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и генералното овластување за донесување на прописи за извршување на законите (член 91 алинеја 1 и 3 од Уставот) упатува дека оваа улога е наменета за Владата и дека заради тоа нема простор за органите на државната управа да донесуваат спроведбени прописи, туку дека тие се надлежни да ги вршат управните и стручните работи во остварувањето на правата и должностите на граѓаните во областа за која се основани. Според тоа, поаѓајќи од нивната уставна положба, Судот оцени дека тие не можат да донесуваат прописи за извршување на законите. Меѓутоа, делувајќи во услови кога се уште не е донесен Законот за државната управа во смисла на член 95 од Уставот, и кога е во примена Законот за органите на управата од 1990 година, оценката на уставноста и законитоста на прописите што ги донесуваат органите на управата е заснована на Уставот и постојниот Закон за органите на управата. Во таа смисла, органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Според член 2 став 1 од Законот за органите на управата, функциите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката ги вршат министерствата и другите органи на управата а според член 4 од овој закон, тие, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законот. Според член 19 став 2 од Законот, покрај другите работи за кои се овластени, органите на управата донесуваат прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт. Таквите овластувања за функционерите кои раководат со органите на управата да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите се утврдени и во член 160 од Законот, но само ако за тоа се овластени со тие закони. Со член 161 од Законот се определува содржината на правните акти на органите на управата, при што со ставот 3 од овој член се уредува дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти, а со член 164 од Законот се потенцира дека со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се востановуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека оспореното упатство не е донесено врз законски основ, односно дека Управниот одбор на Агенцијата не бил овластен да го донесе и не постапил во рамките на овластувањата што ги имал според Уставот, Законот за органите на управата и Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, па одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.101/96)

Leave a Reply