29/1996-0-0

29/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 11 став 2 од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила, донесен од министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во согласност со министерот за внатрешни работи на 6 април 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/93), во делот кој гласи “а ако договорот е склучен меѓу правни лица, потписите ги заверуваат правните лица помеѓу кои е склучен договорот. Кога возилото се продава преку посредник (комисионер) потписот на договорот и сметката ги заверува комисионерот”.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Митре Лазов, адвокат од Неготино со решение У.бр.29/96 од 5 јуни 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на делот од член 11 став 2 во правилникот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што според Законот само општинските судови и надлежниот орган на управата имаат законско овластување да ги заверуваат птописите, ракописите и преписите, а такво овластување за заверување на потписите на договорите немаат правните лица и комисионерот.

4. На седницата Судот утврди дека основ за донесување на Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила е член 242 став 1 точка 2 од Законот за основите на безбедноста на сообраќајот на патиштата (“Службен лист на СФРЈ” бр.50/88, 63/88, 80/89, 29/90 и 11/91) кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички. Во член 1 од Правилникот е предвидено дека со него се пропишува начинот на регистрација, продолжувањето на важењето на регистрацијата и одјавувањето на моторни и приклучни возила. Во член 4 е предвидено дека возилото се регистрира на име на сопственикот на возилото.

Во член 11 став 1 е предвидено дека ко се промени сопственикот на возилото или некој податок од сообраќајната дозвола, се издава нова сообраќајна дозвола.

Во став 2 е предвидено дека кон пријавата на промената што влијае врз промената на податоците во сообраќајната дозвола, сопственикот на возилото прилошува исправа со која се докажува односната промена. Ако промената на сопственоста на возилото се докажува со договор склучен меѓу физички лица потписот на тие лица го заверува судот или органот на управата, а ако договорот е склучен меѓу правни лица, потписите ги заверуваат правните лица помеѓу кои е склучен договорот. Кога возилото се продава преку посредник (комисионер) потписот на договорот и сметката ги заверува комисионерот.

5. Според член 1 од Законот за заверување на потписи, ракописи и преписи (“Службен весник на СРМ” бр.31/72) заверувањето на потписи или ракописи е потврдување на нивната автентичност.

Во членот 2, пак, е предвидено дека заверувањето на потписи, ракописи и пеписи врши општинскиот суд односно орган на управата надлежен за заверување (надлежен орган) ако со овој или друг закон не се определи поинаку. Заверувањето го врши за тоа овластеното службено лице.

Во член 16, пак, се предвидени посебни случаи на заверување. Според овој член заверување на потписи и преписи на исправи потребни за регулирање на работни односи на лица во работен однос може да врши и овластен работник.

Од изнесените одредби произлегува дека заверувањето на потписи, ракописи и преписи се врши пред општинскиот суд, или орган на управата надлежен за заверување, ако со овој закон и друг не е определено поинаку.

Со оглед на тоа што со наведениот закон не е определено дека друг орган може да врши заверка на потписи, ракописи и преписи, освен исклучокот предвиден во член 16 кога се работи за заверување на потписи и преписи на исправи потребни за регулирање на работните односи на лица во работен однос, пред Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата од правилникот не е во согласност со законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.29/96).

Leave a Reply