69/1996-0-0

69/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Програмата за продажба на деловните згради и доловните простории на Република Македонија во 1995 година, донесена од Владата на Република Македонија на 10 јули 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Марија Савиќ од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што: при постоење на уставната концепција на поделба на власта на законодавна, судска и извршна, Владата на Република Македонија не била овластена, при продажба на деловниот простор, да предвидува давачка односно провизија од 3% од постигнатата пазарна цена на купениот деловен простор, што требало да ја плати купецот на име услуги за реализација на продажбата; со програмата се нарушувало уставното начело на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, затоа што пред нејзиното донесување, при продажбата на деловниот простор, од купувачот се наплатувала наведената провизија, што не било согласно со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека со точката I од Програмата се утврдува деловниот простор што е предмет на продажба, неговата големина, динамиката на остварување на продажбата и почетната цена.

Точката II од Програмата предвидува дека нејзин составен дел е Прегледот на деловните простории што ќе се продаваат од подрачните единици на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
Точката III од Програмата предвидува истата да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Во Прегледот на деловните згради и деловните простории на Република Македонија за продажба во 1995 година со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, кој е составен дел на оспорената програма, деловниот простор е распределен во секој град на Републиката по подрачни единици, при што секоја подрачна единица е распределена по тромесечија за текуштата година. Деловниот простор е означен со адреса на која се наоѓа, неговата големина во м2 и почетната цена.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспорената програма, според оценката на Судот, не претставува пропис во смисла на наведениот член од Уставот , таа излегува надвор од доменот на неговата надлежност, па согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.69/96)

Leave a Reply