34/1996-0-0

34/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1.СЕ УКИНУВААТ членовите 31, 32, 36, 37, 41, 42, 43, 44, 46, 49, 51,53,54 и 55 од Одредбите за примена на Деталниот урбанистички план составен дел на Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Дебар Маало и Буњаковец – урбанистички единици 11 и 12 – Скопје, донесени од Собранието на град Скопје на 9 јуни 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стефан Панчевски од Скопје, со Решение У.бр.24/96 од 8 мај 1996 година, поведе постапка за оценување законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека во постапката за донесување на Одредбите за примена на Деталниот урбанистички план бр.08-1482/2, донесени од Собранието на град Скопје на 9 јуни 1995 година, а кои се однесуваат на дел од Булеварот “Партизански одреди” односно за “Дебар Маало” и “Буњаковец” – урбанистички единици 11 и 12 во Скопје е спроведена јавна расправа во месните заедници “Дане Крапчев” и “Наум Наумовски Борче”. Согласноста на предлог-планот за изменување и дополнување на деталниот план од страна на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина е дадена на 27 декември 1994 година и е дадено образложение за неприфатените забелешки.

Понатаму, Судот утврди дека Одредбите за примена на Деталниот урбанистички план покрај графичките прилози и текстуалниот дел се составен дел на планот.

Така, во одредбите за примена на планот се содржани поблиски услови и начин на градба. Во член 31 е предвидено за индивидуалните станбени објекти максималната димензија на габаритот на објектите да се определува ако за тоа постојат просторни можности и урбанистичко архитектонски услови при што максималната бруто површина на габаритот во основа може да изнесува до 200 м.кв., независно од големината на парцелата, минималното растојание помеѓу најистакнатите делови на габаритите на два соседни објекти да изнесува најмалку 6 метри, минималното растојание помеѓу наистакнатите делови меѓу два соседни габарити да изнесува најмалиу 3 метри, минималното растојание на најистакнатиот дел на габаритот на објектот со оградата (гранична линија со соседот) да изнесува најмалку 1 метар, а доколку постои писмена меѓусебна согласност на заинтересираните соседи може да се спојат со оформување на низ од максимумот три ламели. При утврдувањето на максималната димензија на габаритетот на објекти предвидени со Деталниот урбанистички план може да се врши поместување во рамките на дворното место доколку се исполнети условите од став 1 на овој член. Во член 32 е предвидено за планирани колективни станбени и јавни објекти утврдување максимален габарит, поместување во рамките на дворното место доколку се исполнети условите од став 1 на овој член. Во член 32 е предвидено за планирани колективни станбени и јавни објекти утврдување максимален габарит, поместување и промена на облик да може да се врши поединечно за секој објект врз основа на соодветна проектна документација, урбанистичко, архитектонски услови и потребата за создавање на поволни просторни односи со соседните објекти, услови за заштита од пожар, општо-народна одбрана и друго. Според член 36 доградба на индивидуалните објекти, двокуќи и објекти во низ може да се врши ако за тоа постојат просторни можности и урбанистичко архитектонски услови според одредбите на член 31. Во членот 37 е предвидено надградбата на уште еден кат или поткровје на постојни и новопроектирани индивидуални станбени објекти, двокуќи, објекти во низ, колективни и станбени објекти, јавни и деловни објекти, да може да се изврши заради усогласување со висината на околните објкти под услов да се изготви соодветен елаборат, а согласно со прописите за сеизмичка градба. Според член 41 усогласување на усвоена парцелација со Деталниот урбанистички план на индивидуален станбен објект може да се врши ако се усогласуваат урбанистичките со катастарските парцели што не влијае на усвоениот систем и распоред на парцелите, и ако со планот не е оформена урбанистичка парцела. Корекциите од став 1 од овој член може да се вршат ако не се нарушува остварувањето на предимственото право за градба и ако постои согласност на заинтересираните странки. Во деталните урбанистички планови каде за јавни општествени и стопански објекти нема одредени граници на дворните места (урбанистичките парцели) или утврдените парцелации не обезбедуваат реални услови за реализација согласно членот 42 можат да се утврдуваат според теренските и урбанистичко архитектонските услови, односно според катастарските парцели, а според членот 43 за постојните и планирани колективни станбени објекти, јавни и деловни објекти каде не е целосно решено паркирањето, треба да се предвиди простор за паркирање (подземно, надземно) ако за тоа постојат урбанистичко-архитектонски услови и услови за безбедност во сообраќајот. Во членот 44 е предвидено доколку во Деталниот план не се утврдени услови за изградба на гаражи тие услови ќе ги утврди органот на управата надлежен за урбанизам, при што, максимална корисна површина на гаражите да не биде поголема од 18 м.кв. а корисна висина да не биде поголема од 2,2 метри. Според член 46 предлог за утврдување поблиски услови за градба поднесува инвеститорот до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, а се утврдува со решение за локација. Според член 49 за спроведувањето на оваа одлука се грижи органот на управата надлежен за урбанизам. Согласно член 51 со донесување на овој детален урбанистички план престануваат да важат одредбите од претходниот план, а според член 53 целата документација содржана во член 42 стапува во сила со денот на усвојување на планот, односно објавувањето на одлуката во “Службен весник на Република Македонија”. Според членот 54 и 55 одредбите за спроведувањ на Деталниот урбанистички план важат само со комплетна урбанистичка документација содржана во член 42 бидејќи по усвојувањето на планот во одредбите се внесуваат сите потребни содржани елементи.

Од оспорените одредби произлегува дека органот надлежен за работите на урбанизмот, со решение за локација во рамките на градежната прцела може да го зголемува габаритот на објектот предвиден со планот до 200 м.кв. независно од големината на парцелата доколку дозволуваат урбанистичко-архитектонските услови, или ако постои писмена согласност на сопствениците од соседните објекти чие максимално растојание на најистакнатиот дел на габаритот со оргадата изнесува најмалку еден метар да можат да се спојат во низ најповеќе до три објекти, или надградба на уште еден кат плус подкровје на постојни и новопроектирани објекти, изградба на гаражи, паркинг простори и друго, сето тоа по донесување на Деталниот урбанистички план, со одредбите за спроведување на планот, односно со поблиските услови за градба на објекти.

5. Согласно член 19 од Законот, урбанистичкиот план содржи особено резиме за оценетите потреби и можности на просторниот развој, намена и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфати на планот, сообраќајно решение, комунална и друга инфраструктура, биланси на развој и услови за изградба на станбени, стопански и други објекти, зелени површини, мерки за заштита на човековата околина и за одбрана, одредби за спроведување на планот и графички прилози.

Од цитираните одредби произлегува дека со детален урбанистички план подрачјето опфатено со планот мора да ги содржи сите елементи наведени во законот кои се услов за детално уредување на просторот. Сите тие елементи мораат да бидат еднакво обележани како во графичкиот приказ така и во одредбите за примена на планот. Надвор од постапката за донесување на планот, законот забранува негови измени и дополнувања.

Со оглед на тоа што со оспорените членови од одредбите за примена на планот се овозможува органот на управата надлежен за работите на урбанизмот при издавање на решение за локација да врши измена на деталниот план вон постапката предвидена со закон, Судот оцени дека означените членови не се во согласност со одредбите на законот кои важеле во време на нивното донесување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука
7.Оваа одллука Судот ја донесе во состав од Претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.34/96).

Leave a Reply