88/1996-1-0

88/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за формата и начинот на водење на евиденција за набавка и продажба на производи и вршење трговски услуги, донесен од министерот за стопанство во согласност со министерот за финансии (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ристо Велков од Скопје му поднесе иницијатива за оценување законитоста на членовите 8 и 9 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение затоа што со нив било предвидено образецот – приемен лист во трговијата задолжително да го пополнуваат и правните субјекти кои се занимаваат со трговија на големо што не било во согласност со член 6 од Законот за данокот на промет на производи и услуги, затоа што тие субјекти биле ослободени од плаќање данок.

3. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа тоа што оспорениот Правилник претставува техничко упатство кое ја уредува формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата за набавка и продажба на производи и вршење трговски услуги, судот оцени дека тој не претставува правен акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија поради што тој не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.88/96)

Leave a Reply