146/1996-0-0

146/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на

а) Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за придонесот за користење на градско земјиште на подрачјето на град Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 29 декември 1987 година, на 22 септември 1989 година и на 15 мај 1992 година (“Службен гласник на Општина Битола” бр.28/87, 15/89 и 4/92), и на

б) Решението за утврдување на придонесот за користење на градежното земјиште, донесено од Собранието на Општина Битола на 15 април 1992 година (“Службен гласник на Општина Битола” бр.3/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Томислав Стојановски од Битола, за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката и решението означени во точката 1 од ова решение, затоа што општината нема уставен основ да воведува и уредува прашања во врска со јавните давачки, бидејќи таа материја е од исклучива надлежност на законодавецот, поради што оспорените акти не биле во согласност со членовите 33 и 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорените акти се уредува начинот на кој се пресметува придонесот за користење градежно земјиште на подрачјето на град Битола (според намената на објектот -. станбен,м деловен или магацински простор; според зоната во која се наоѓа објектот – I,II…) и неговата висина по 1 м.кв. корисна површина во зависност од напред наведените критериуми.

Понатаму, Судот утврди дека оспорените акти во два наврати биле предмет на оценување од овој суд, и од изнесениот аспект, при што првпат е одлучено да не се поведе постапка за оценување на нивната законитост бидејќи Судот оценил дека општината има овластување во членовите 44 и 45 од Законот за градежното земјиште да го регулира прашањето за придонесот на граѓаните при користење на градежното земјиште (У.бр.228/92 од 29 декември 1992 година), а вториот пат е одлучено да се отфрли иницијативата како пресудена работа (У.бр.55/96 од 17 април 1996 година).

4. Со оглед на тоа што Одлуката и Решението биле предмет на оценување од наведениот аспект и што нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети услови за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.146/96).

Leave a Reply