126/1996-0-0

126/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Драги Митровски од Куманово му поднесе иницијатива за оценување уставноста на Законот означен во точка 1 од ова решение, а посебно на членовите 5, 11, 14 и 15, затоа што со оспорениот закон била предвидена трансформација на општествената сопственост во претпријатијата и задругите што стопанисуваат со земјоделското земјиште, при што не било уредено прашањето што станува со задружната сопственост, односно таа не била исклучена од трансформацијата иако според Уставот можело да се трансформира само општествена сопственост, а не и другите видови на сопственост, како што е задружната. Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека со Законот се изедначува задружната со општествената сопственост, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија. Понатаму, во Законот не било прецизирано кој ја врши трансформацијата на задруѓната сопственост во задругите, дали вработените или задругарите, имајќи го предвид фактот што задругата била на задругарите, а не на вработените во задругата.

Со оглед на тоа што не било предвидено дека задружната сопственост нема да се трансформира бил неспроведлив и останал “мртво слово на хартија” член 37 од Законот за задругите во кој било предвидено враќање на имотот на задругарите во случај да престане да постои задругата.

Исто така со оспорениот закон не било уредено ни прашањето за имотот на странски лица вложен во задругите во смисла на член 15 од Законот за задругите, што не било во согласност со член 31 и член 59 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот закон се уредуваат условите, начинот и постапката за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделското земјиште во државна сопственост, како и на земјоделските задруги во приватна сопственост, во кои се вложени средства во општествена сопственост. Според член 1 од Законот, претпријатијата со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште, според овој закон, се претпријатија во општествена сопственост и претпријатијата во мешовита сопственост.

Претпријатија во општествена сопственост вршат приватизација на општествениот капитал, а претпријатијата во мешовита сопственост доприватизација на општествениот капитал.

Земјоделски задруги со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште во државна, односно приватна сопственост, според овој закон, се земјоделските заедруги во кои се вложени средства во општествена сопственост, односно кои управуваат со општествен капитал. (член 2)

Трансформацијата на претпријатијата, односно земјоделските задруги од член 1 на овој закон се врши со организирање на претпријатијата во акционерски друштва или друштва со ограничена одговорност, а на земјоделските задруги во друштва со ограничена одговорност, ако така одлучи органот на управување на земјоделската задруга. (член 3)

Трансформација според овој закон не се врши на: земјоделско земјиште во сопственост на Република Македонија; земјоделско земјиште и други недвижности кои врз основа на присилни прописи преминале од приватна во државна односно во општествена сопственост; објекти и други средства во сопственост на задругите; трансформираниот општествен капитал во приватна сопственсот врз основа на Законот за општествен капитал (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89 и 46/90) и Законот за исплата на личните доходи, на средствата за непосредна заедничка потрошувачка и средствата за исхрана на работниците во текот на работата (“Службен лист на СФРЈ” бр.37/90 и 84/90); водостопански објекти и постројки; институти и други организациони форми кои се во состав на претпријатијата, односно земјоделските задруги кои стопанисуваат со земјоделско земјиште, а кои ќе се конституираат како јавни установи и други објекти и средства од јавен интерес утврден со друг закон (член 5).

Претпријатијата, односно земјоделските задруги продолжуваат да ги користат земјоделското земјиште, другите недвижности и објекти, средствата во институтите и другите организациони форми до нивното трансформирање.

Претпријатието кое согласно со одредбите на овој закон се трансформира и организира како акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност, односно земјоделската задруга во која е извршена трансформација, земјоделското земјиште во државна сопственост го користат вр основа на долгорочен закуп на начин и под услови определени со овој и со друг закон (член 6).

Во понатамошните одредби од Законот е определен начинот на трансформација на претпријатијата и задругите и начинот на утврдување вредноста на капиталот (член 7 до 18), при што е утврден посебен начин на трансформација на малите, средните и големите претпријатија односно земјоделски задруги.

Во членовите 17 и 18 од Законот е предвидено претпријатијата, односно земјоделските задруги кои се трансформирале и продолжиле да стопанисуваат со земјоделското земјиште во државна сопственост (во натамошниот текст: корисници), се должни на склучат договор за долгорочен закуп за користење на земјоделското земјиште во согласност со закон.

До донесувањето на закон со кој ќе се уреди давањето на земјоделското земјиште под закуп, договорот од член 17 на овој закон го склучува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена од денот на уписот на претпријатието, односно земјоделската задруга во судскиот регистар.

Во преодните и завршните одредби од Законот (член 22 до 29) е уреден начинот на користење на водостопанските објекти и постројки и други објекти, потоа начинот на проверка и контрола на претпријатијата и задругите кои за времето од 1 јануари 1990 година до денот на влегувањето во сила на овој закон, на кој и да било начин статусно се трансформирале или реорганизирале или извршиле друга статусна промена. Потоа, утврден е статусот на интерните акции и е предвидено тие да добијат својство на обични акции, а во член 29 е предвидена обврска за претпријатијата и задругите додека не се отпочне процесот на трансформација, градежните објекти и други основни средства да ги оттуѓуваат само во согласност со Агенцијата.

Во членовите 27, 28 и 29 од Законот е уредено прашањето за донесување на поблиските прописи за примената односно непримената на одделни одредби од Законот за претпријатијата и за влегувањето во сила законот (осум дена од денот на објавувањето).

Од изнесената содржина на Законот може да се констатира дека земјоделското земјиште кое досега абеше во општествена сопственост станува сопственост на Републиката и истото не може да се трансформира во приватна сопственост, туку истото и натаму се користи од претпријатијата и задругите што го користеле врз оснвоа на договор за закуп. Исто така не може да се трансформира ни земјоделското земјиште кое врз основа на присилни прописи преминало од приватна во државна односно општествена сопственост.

Имено, од содржината на законот во целина произлегува дека на земјоделското земјиште не се врши приватизација, односно земјоделското земјиште во општествена сопственост станува државна сопственост, а земјоделското земјиште на задругарите останува на задругата односно на задругарите, ако на истото задругарите го здружиле правото на сопственост тоа не може да се трансформира во друг вид на сопственост, затоа што целта на трансформацијата е да изврши приватизација само на средствата во општествена сопственост. Имено од член 1 од Законот произлегува дека трансформација се врши на претпријатијата и задругите кои стопанисуваат само со земјоделско земјиште во државна сопственост и земјоделските задруги што стопанисуваат со земјиште во приватна сопственост, но само во однос на вложените средства во општествена сопственост. Што значи целта на Законот е транформација на општествената сопственост во сопственост со крајно утврден носител на сопственоста. Според тоа во Законот не е предвидена трансформација на приватната – задружната сопственост. Ова од причини што ако задругарот вложил земјиште во задругата и притоа го задржал правото на сопственост над тоа земјиште, тоа значи дека тоа земјиште е во приватна сопственост со познат титулар и не може да се трансформира во друг вид на сопственост, затоа што тоа би значело присилно одземање на сопственоста. Доколку, пак, задругарот се откажал од приватната сопственост заради добивање на одредени повластувања што ги давала државата, тоа земјиште станало општествена сопственост и истото станува државна сопственост.

4. Основната интенција на Уставот на Република Македонија е изградба на граѓанско општество, кому општествената сопственост не му е иманентна, туку негова основна карактеристика е сопственоста како граѓанско-правен однос, поради што Уставот не ја гарантира општествената сопственост. Поради тоа одредбите од член 30 од Уставот се однесуваат исклучиво на сопственоста во граѓанско-правна смисла на зборот. Со други зборови, општествената сопственост нормативно не егзистира во Устав на Република Македонија, туку претставува затечена категорија од поранешниот уставен поредок, така што обврската за нејзиното трансформирање произлегува непосредно од самиот Устав на Република Македонија. Затоа, според член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, Собранието на Република Македонија беше овластено во рок од 6 месеци да донесе закон со кој ќе се уреди трансформацијата на општествената сопственост. Притоа, законодавното тело е овластено да ги утврди условите, начините и формите на нејзиното трансформирање во некоја од сопственичките категории. Во оваа смисла законодавеацот е слободен во определувањето дали овој процес ќе се спроведе преку трансформација на паретпријатијата што работат со капитал во општествена сопственост, или, пак, со трансформација на самата општествена сопственост во некој од познатите видови на сопственост, со почитување на темелните вредности на уставниот поредок утврдени во членовите 8, 30, 52, 57 и 58 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, според член 56 од Уставот земјиштето како природно богатство претставува добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита, а со закон може да се уреди начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Статусот и положбата на претпријатијата и задругите кои стопанисуваа со земјоделско земјиште, кое и според поранешниот уставен поредок претставуваше добро од општ интерес, е уреден со Законот за задругите (“Службен лист на СФРЈ” бр.3/90), (кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е преземен како републички, потоа, со Законот за здружување на земјоделците (“Службен весник на СРМ” бр.43/80), кои закони сеуште се во важност и не се отстранети од правниот поредок на Република Македонија.

Според наведените закони здружувањето на земјоделците односно на граѓаните што се занимаваат со земјоделство е доброволно, т.е. задругата е доброволна организација на задругарите кои со заедничко работење ги остваруваат економските интереси односно ја унапредуваат својата општествено-економска положба и самостојно одлучуваат за заедничките прашања.

Според Законот за задругите задруга можат да основаат задругарите и со неа управуваат задругарите кои вложиле средства. Работниците вработени во задругата имаа јасно определена положба и присвојуваат само по основ на тековен труд во согласност со колективен договор (Закон за задругите, член 23). Средствата за работа на задругата ги обезбедуваат задругарите (Закон за задругите, член 24, став 1).

Според тоа Законот за задруги прави јасна динсстинкција помеѓу задругар и вработени во задругата.

Според член 15 од Законот за задругите задругата има свој имот. Имотот на задругата го сочинуваат предметите, правата и парите. Имотот на задругата е во задружна сопственост. Но на задругите им е пренесено земјиште и други средства во општествена сопственост како средства во општествена сопственост (член 15, став 4).

Според тоа во задругата егзистираат два вида сопственост општествена сопственост со непознат титулар и задружната сопственост со познат титулар. Задружната сопственост ја сочинуваат (член 15, став 3): уделите на задругарите; средствата остварени со работењето на задругата, како и средствата што задругата ги стекнала на друг начин. Во оваа смисла со Законот за задругите е направена јасна динстинкција на сопственичкиот статус на средствата помеѓу:
– сопственоста на задругарот;
– задружната сопственост; и
– општествената сопственост.

Според тоа приватизацијата треба да се врши само на дел од имотот на задругата, односно на средствата што се во општествена сопственост, како што впрочем е предвидено и со оспорениот закон. Тоа значи дека не може да се врши приватизација на задружната сопственост на која е познат сопственикот, односно задружната сопственост е сопственост со познат титулар и неа ја сочинуваат уделите на задругарите, средствата остварени со работењето на задругата, како и средствата што задругата ги стекнала на друг начин (член 15 став 3 од Законот за задругите.

Според став 5 на член 15 од Законот за задругите, задругарот го задржува правото на сопственост на средствата што со договорот не ги пренел во задружна сопственост, во заедничка сопственост на задругарите или во општествена сопственост. Според тоа задругарот самостојно одлучува дали ќе го задржи правото на својот удел или ќе го пренесе во задружна сопственост, заедничка сопственост на задругарите или во општествена сопственост.

Со оглед на тоа што во рамките на задружната сопственост влегуваат и објектите и средствата, односно уделите на задругарите, на кои задругарите го задржале правото на сопственост, сметаме дека со член 5 точка “в” од оспорениот закон, според која трансформација не се врши на објектите и другите средства во сопственост на задругарите, е изземена од приватизација задружната сопственост која има познат титулар, односно на која задругарите го задржале правото на сопственост. Според тоа, со оспорениот закон е предвидена само трансформација на средствата во општествена сопственост и со него не се врши одземање на приватната сопственост, ниту на домашните ниту на странските физички и правни лица кои имаат својство на задругари.

Тргнувајќи од уставните одредби за трансформација на општествената сопственост во друг вид на сопственост во граѓанско- правна смисла, како и тргнувајќи од посебниот уставно-правен режим на земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката, сметаме дека законодавецот е овластен да утврди можност на трансформација над земјиштето кое досега беше во општествена сопственост, и при тоа да одлучи земјоделското земјиште во општествена сопственост да премина во сопственост на државата, а земјоделското земјиште што се наоѓа во приватна или во друг вид на сопственост да го задржи истиот статус. Во однос на останатите средства во општествена сопственост кои ги користеа задругите и претпријатијата што стопанисуваа со земјоделското земјиште, исто така е право на законодавецот да го утврди начинот и облиците на трансформацијата во еден од видовите сопственост.

Што се однесува до наводот од иницијативата дека со оспорениот закон се изедначувале задругарите и вработените во задругите , со тоа што не било прецизирано кој ќе ја изврши трансформацијата на задружната сопственост, Судот смета дека ова прашање е безпредметно, затоа што задружната сопственост не се трансформира, туку само општествената сопственост.

Имајќи го предвид изнесеното Судот смета дека нема основ за поведување на постапка за оценување уставноста на оспорениот закон, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.126/96)

Leave a Reply