120/1996-0-0

120/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Даница Гешковска од Скопје, со кое бара изедначување на положбата на граѓаните кои живеат во станови во општествена сопственост со положбата на граѓаните кои живеат во станови во приватна сопственост, а кои биле со станарско право.

2. Пред Уставниот суд на Република Македонија Даница Гешковска од Скопје поднесе иницијатива во која наведува дека живее во стан кој е во сопственост на друго лице и во кој била вселена врз основа на решение на опшинскиот орган на управата, така што се стекнала со станарско право. Меѓутоа, по укинувањето на член 99 од Законот за станбените односи, од страна на сопственикот и било барано многу висока наемнина која што не била во можност да ја плати, со што била ставена во нееднаква положба во однос на граѓаните кои живеат како подстанари во згради во општествена сопственост, што било во спротивност со член 9 од Уставот на Република Македонија. Од Уставниот суд бара да се изнајде решение за изменување и дополнување на Законот за станбените односи со внесување на одредба за изедначување на височината на месечната наемнина на станарите кои живеат во станови во општествена сопственост и оние кои живеат во приватна сопственост, а се со станарско право.

3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа што суштината на барањето на предлагачката кое е поставено со иницијативата се сведува на тоа да Уставниот суд изнајде решение за изменување и дополнување на Законот за станбените односи со внесување на одредба преку која би се изедначила висината на месечната наемнина која ја плаќаат подстанарите кои живеат во станови во општествена сопственост, со висината на месечната наемнина која ја плаќаат подстанарите кои живеат во станови во приватна сопственост, а кои што се до укинувањето на член 99 од Законот за станбените односи, биле со станарско правно, а ваквото барање не може да се подведе под ниту еден основ за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува од наведениот член 110 од Уставот на Република Македонија, следуваше судот да одлучи да ја отфрли иницијативата поради ненадлежност, согласно член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.120/96)

Leave a Reply