326/1995-1-0

326/1995-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри на автомати (“Службен весник на СРМ” бр.17/87, 26/87, 51/88, 36/89, 38/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.4.93 и 27/95).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 став 1 и 2 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри на автомати (“Службен весник на СРМ” бр.17/87, 26/87, 51/88, 36/89, 38/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.44/93 и 27/95).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, “Бомак интернационал” Д.О.О. Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 11 од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од член 11 од Законот била воспоставена повластена положба на Лотарија на Македонија во однос на другите субјекти на пазарот кои, исто така, приредувале игри на среќа. Така, воспоставената положба не била во согласност со уставниот принцип според кој, претпријатијата и другите субјекти на пазарот се рамноправни во вршењето на својата дејност и во стекнувањето на доходот. Уставот на Република Македонија, поаѓајќи од уставниот принцип на рамноправноста на претпријатијата и другите субјекти на пазарот, воспоставил поинаков однос помеѓу субјектите – приредувачи на наградни игри, кои се регистрирани пред надлежниот суд за вршење на оваа дејност и Лотарија на Македонија, односно субјектите биле изедначени во поглед на условите за приредување игри на среќа со Лотарија на Македонија.

Оспорената одредба ја повластувало Лотарија на Македонија што не било во согласност со член 2 став 5 од Законот за претпријатијата, според кој претпријатијата имале иста положба, права и одговорности, а според членот 47 од Законот за игрите на среќа, на Лотарија на Македонија се применувале прописите што важеле за организациите на здружениот труд, доколку со овој закон не било определено поинаку. Според тоа, претпријатијата кои биле регистрирани за вршење на дејност приредување на игри на среќа биле изедначени во својата положба со Лотарија на Македонија.

“Бомак интернационал” бил генерален импортер на автомобили од францускиот производител “Ситроен”. По повод првата годишнина од работењето, директорот на претпријатието донел одлука за организирање игра на среќа, за што извршило и проширување на дејноста на претпријатието и извршило регистрација пред надлежниот суд, сметајќи дека не е потребно посебно одобрение. Меѓутоа, по извршената контрола од страна на даночниот инспектор му е забрането понатамошно приредување на играта со што на претпријатието му се нанесува материјална и нематеријална штета (биле вложени големи средства во маркетиншка подршка на наградниот конкурс, средства вложени во обезбедување на наградниот фонд, средства вложени во организацијата и дистрибутивната мрежа и штета на угледот на претпријатието). Од овие причини подносителот на иницијативата бара Уставниот суд, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти односно дејствија преземени врз оспорената одреба од Законот.

Истовремено, со иницијативата се бара судот со одлуката да ги отстрани последиците од примената на оспорената одредба на Законот со враќање во поранешна состојба, со надоместок на штета или на друг начин.

4. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот, игрите на среќа можат да се приредуваат врз основа на одобрение кое го издава:

1) општинскиот орган на управата надлежен за работите на финансиите – за игрите на среќа што се приредуваат на подрачјето на општината, освен на посебните игри на среќа; и

2) републичкиот орган на управата надлежен за работите на финансиите – за игрите на среќа што се приредуваат на подрачјето на две или повеќе општини, освен за посебните игри на среќа.

За приредување игри на среќа од Лотарија на Македонија не е потребно одобрение, освен за посебните игри на среќа.

Одобрение не е потребно за приредување на томбола што ја приредуваат општествените организации од член 9 точка 2 и 3 на овој закон на забави и други приредби, доколку добивката се состои во предмети или во право на услуга.

5. Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемаштвото, а според став 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување. Според ставот 3, слободата на пазарот и претприемаштвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Според член 184 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93 и 55/95) во судскиот регистар се запишуваат основањето, организирањето и престанокот на субјектот на уписот, како и статусните и другите промени на тие субекти.

Со ставот 2 на овој член е предвидено дека во судскиот регистар се запишуваат и другите податоци за субјектите на уписот што се од значење за правниот промет, меѓудругото, и дејноста на субјектот.

Со член 47 од Законот за игрите на среќа и забавните игри на автомати е предвидено дека Лотарија на Макеадонија е работна организација на здружениот труд за приредување игри на среќа и за забавни игри на автомати, а според ставот 2 на овој член на Лотарија на Македонија се применуваат прописите што важат за организациите на здружениот труд, доколку со овој закон не е определено поинаку.

Според мислењето на Судот смислата на оспорената одредба е во интересот на државата да воспостави контрола врз вршењето на дејноста приредување игри на среќа. Оттука, самиот факт што претпријатието односно организацијата во судскиот регистар е запишана за вршење одредена дејност, во случајов за приредување игри на среќа, значи дека тие можат да ја вршат таа дејност. Меѓутоа, тоа не ја исклучува потребата за добивање одобрение од надлежен орган за приредување игри на среќа, во прв ред, поаѓајќи и од специфичностите во вршењето на оваа дејност. Поради тоа, Судот смета дека со оспорената одредба не се ограничува слободата на пазарот и не може да се постави прашањето за согласноста на член 11 став 1 од Законот со член 55 од Уставот.

Во поглед на Лотарија на Македонија Судот смета дека не е потребно одобрение за приредување игри на среќа, освен за посебните игри на среќа, затоа што оваа организација е основана за приредување игри на среќа и на забавни игри на автомати (член 47 став 1 од Законот), па според тоа, по сила на Законот, се стекнала со одобрение поради што не може да се постави прашањето за согласноста и на ставот 2 од оспорената одредба со наведените
уставни одредби.

Судот, исто така, утврди дека со укинувањето на член 9 од Законот, престанал основот за исклучување од обврската за одобрение за приредување на томбола што ја предуваат општествените организации на забавни и други приредби, доколку добивката се состои во предмети или во право на услуги, па според тоа може да се постави прашањето за согласноста на ставот 3 од членот 11 од Законот со членот 55 од Уставот.

6. Според член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Според член 81 од Деловникот секој, чие право е повредено со конечен или правосилен акт донесен врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Уставниот суд е поништен има право да бара од надлежниот орган да го поништи тој поединечен акт во рок од 6 месеци од денот на објавувањето на одлуките на Судот во “Службен весник на Република Македонија”.

Ако со измена на поединечниот акт во смисла на став 1 од овој член не може да се отстранат последиците од примената на законот, прописот или општиот акт што со одлука на Уставниот суд е поништен, Судот може да определи последиците да се отстранат со враќање во поранешна состојба, со надоместок на штета или на друг начин.

Тргнувајќи од овие одредби од Деловникот, а со оглед на изнесеното, Судот смета дека нема основ да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба односно да се отстранат последиците со враќање во поранешна состојба, со надоместок на штета или на друг начин.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.326/95)

Leave a Reply