364/1995-0-0

364/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните во 1993, 1994, 1995 и 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94 и 65/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 4 став 2 и член 8 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните во 1993 и 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Трајко Марковачев од Прилеп, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата членот 4 став 2 од Законот не бил во согласност со член 9 од Уставот затоа што не можело само обврските и правата содржани во договорите за девизните штедни влогови и девизните сметки, во време на применувањето на овој закон да мируваат заради одржување на општата ликвидност на Републиката што се утрдува како јавен интерес, а не и на другите граѓани – девизни штедачи.

Членот 8 од Законот, исто така не бил во согласност со член 9 од Уставот затоа што се вршела исплата само на одредена категорија граѓани.

Оспорените одредби не биле во согласност и со член 30 од Уставот затоа што на граѓаните им се ограничувало правото да располагаат со сопственоста и со член 54 од Уставот затоа што ограничуваањето на слободите и правата не можело да биде по основ на имотната и општествената положба.

4. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.86/92, 121/93 од 1 декември 1993 година не е поведена постапка за оценување уставноста на член 4 став 2 и на членовите 7, 8, 9 и 10 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните за 1993 и 1994 година затоа што, правниот режим на девизните влогови на граѓаните до монетарното осамостојување на Републиката – 27април 1992 година, за кои, согласно член 14 став 3 од Законот за девизно работење на бившата СФРЈ (“Сл. лист на СФРЈ” бр.66/85, 3/88, 59/88 и 96/91) гарантираше федерацијата, е уреден на различен начин од начинот на кој се уредува правниот режим на девизните влогови за кои се однесува Законот за девизно работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93). Според тоа, граѓаните – девизни штедачи до критичната дата се наоѓаат во различна правна положба од девизните штедачи во постојниот систем, поради што оцени дека членот 4 став 2 и членот 8 од оспорениот закон е во согласност со член 9 од Уставот. При тоа, исто така, Судот оценил дека Собранието било овластено да го утврди како јавен интерес и врз таа основа да пропише ограничување на сопственоста и во сферата на располагањето со девизите на кои се однесува Законот поради што оцени дека оспорениот член 4 став 2 не е во несогласност и со член 30 од Уставот. Ова и поради тоа што со пресметување и припишување на каматата за време на мораториумот не се обезвреднуваат депонираните штедни влогови, бидејќи се водат во оргинална конвертибилна валута во која биле депонирани.

Понатаму, Судот оценил дека утврдените исклучоци за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните од општиот мораториум се во согласност со уставните определби за државата како социјална држава (член 1 став 1 од Уставот), со темелните вредности на уставниот поредок на Републиката за хуманизмот, социјалната праведност и солидарноста (член 8 став 1 алинеја 8), грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност (член 35 став 1), со уставната гаранција на граѓаните на здравствена заштита (член 39 став 1) и правото на образование (член 44 став 1 и 2).

Во поглед на барањето за заштита на уставната гаранција за забрана на дискриминација по основ на имотната и општествената положба Судот утврдил дека нема повреда на оваа уставна гаранција од истите причини.

5. На седницата Судот утврди дека со Законот за измени и дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови, на граѓаните во 1993 и 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94 и 65/95) мораториумот за исплата на девизните влогови продолжува во 1995 и 1996 година. Во членот 8 став 1 се додава алинеја 8 според која, во банките на девизните штедачи им се вршат исплати во динарска противвредност и за плаќање на со закон пропишаните обврски, согласно член 109 став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, за промена на интерните акции во обични акции.

Според мислењето на Судот од истите причини за неповедување постапка изнесени во Решението У.бр.86/92, 121/93 од 1 декември 1993 година не може да се постави прашањето за согласноста на измените и дополнувањето на Законот со член 9, 30 и 54 од Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.364/95)

Leave a Reply