18/1996-0-0

18/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставнсота и законитоста на Заклучокот со кој целокупниот деловен простор што е во состав на станбениот фонд кој е во владение на Министерството за одбрана да го преземе Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, донесен од Владата на Република Македонија на 7 ноември 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Петре Деловски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на заклучокот означен во тока 1 од ова решение, затоа што Владата не била овластена станбениот и деловниот фонд што бил на Армијата на Република Македонија како правен наследник на ЈНА да го отстапува на јавно претпријатие, со што се одземал имот од армијата, што доведувало до слабеење на Армијата и намалуваање на можностите за штитење на интегритетот на Републиката.

Понатаму, во иницијативата се појаснува за проблемите на иницијаторот во врска со деловна просторија која ја користел под наем од бившата ЈНА, а сега Јавното претпријатие истата ја продало на друго лице по многу ниска цена без да биде известен за лицитацијата корисникот на деловната просторија.

Поради овие причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе се задолжи Владата да го врати деловниот простор на Армијата, а прашањето за користењето на овој деловен простор да се уреди со закон.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на триесет и третата затворена седница одржана на 7 ноември 1994 година го донела оспорениот заклучок со ознака службена тајна – доверливо.

Според извадокот од Записникот од означената седница на Владата Судот утврди дека Владата ја разгледала и ја усвоила Информацијата за деловниот простор што во состав на станбениот фонд го користи Министерството за одбрана и донела заклучок целокупниот деловен простор што е во состав на станбениот фонд кој сега е во владение на Министерството за одбрана да го преземе јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија и според потребите да се процени дали ситиот да се даде на користење на некои министерства кои имаат потреба од тоа под закуп, или, пак, истиот да оди на продажба.

Исто така, Судот утврди дека не е донесена посебна одлука за уредување на ова прашање.

4. Според член 134 од Законот за одбрана недвижностите, опремата, инвентарот и другите средства што досега ги користеше државата СФРЈ-ССНО на територијата на Републиката се во државна сопственост на Република Македонија.

Врз основа на оваа законска одредба Републиката како носител на правото на сопственост на станбениот фонд од поранешна ЈНА со одлука донесена од Владата на Република Македонија го овластува Министерството за одбрана да ги преземе и да ги користи недвижностите што дотогаш ги користела државата СФРЈ-ССНО.

Со оспорениот заклучок Владата го издвојува деловниот простор кој го користеше Министерството за одбрана и го дава на користење на Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот фонд на Република Македонија.

Според тоа, Судот оцени дека со оспорениот заклучок не се уредуваат односи, односно дека тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот туку со него се одлучува со дел од средствата во државна сопственост да располага јавното претпријатие, основано од Републиката со Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94).

5. Тргнувајќи од член 110 од Уставот Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорениот заклучок, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.18/96)

Leave a Reply