225/1995-0-0

225/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 67 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Стамен Филипов од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што овластувањето министерот да може да забрани патување во странство на работниците во Министерството, во ситуација кога такво овластување во однос на сите граѓани е пропишано за Владата на Република Македонија согласно член 2 став 2 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, значело дека за патување во странство на работниците во Министерството одлучувале два субјекта, а не само еден како што е предвидено за другите граѓани, со што тие граѓани биле ставени во нееднаква, понеповолна, положба во однос на другите граѓани во врска со тоа право, поради што членот 67 од Законот не бил во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија.

Покрај тоа, предвидувањето на работниците во Министерството да може да им се забрани патување во странство и во случај да е потребна одбрана на Република Македонија, а не само во случај да е потребна заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето како што определуваат членовите 27 и 54 од Уставот на Република Македонија, значело дека членот 67 од Законот го ограничува правото на патување во странство повеќе отколку што Уставот на Република Македонија дозволува, поради што таа законска одредба не била во согласност и со наведените уставни одредби.

3. На седницата Судот утврди дека во член 67 од Законот се определува министерот да може да забрани патување во странство на работник во Министерството во случаите кога тоа е потребно заради заштита на безбедноста и одбраната на Република Македонија.

Исто така, Судот утврди дека оспорената законска одредба е систаматизирана во делот од Законот посветен на правата на работниците од работен однос.

4. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба се уредува остварување на право кое е во врска со специфичниот работен однос на работниците во Министерството, при што за тоа право се овластува да одлучува министерот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 67 од Законот со наведената уставна одредба.

Понатаму, имајќи го предвид специфичниот работно-правен статус на работниците во Министерството по што овие граѓани се разликуваат од другите граѓани, Судот утврди дека пропишувањето на наведениот начин за остварување на правото за патување во странство за овие граѓани не е во несогласност со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата дека предвидувањето забрана на патување во странство за работниците во МВР во случај на потреба за одбрана на Република Македонија нема уставен основ, тргнувајќи од обврските на овие работници во врска со одбраната и безбедноста утврдени во член 22 од Законот за внатрешни работи Судот смета дека таквото законско решение е во рамките на заштитата на безбедноста на Републиката, како и на остварувањето на правото и должноста на граѓаните за одбрана на Република Македонија, поради што таа одредба од Законот не е во несогласност со членовите 27, 28 и 54 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.225/95)

Leave a Reply