10/1996-0-0

10/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за дополнување на Законот за претпријатијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/95).

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување актите и дејствијата што се донесени односно преземени врз основа на законот означен во точка 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”

4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијативите на Богољуб Златански и Светозар Георгиевски од Скопје и Манчо Манчев од Кавадарци, со решение У.бр.343/95, У.бр.344/95 и У.бр.10/96 од 24 јануари 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

Судот ги запре од изршување актите и дејствијата преземени врз основа на оспорениот закон.

5. Судот на седницата утврди дека со членовите 1 и 2 од оспорениот закон се создава обврска договорот за основање на претпријатието во мешовита сопственост (член 82 став 2), статутот односно правилата на акционерското друштво (член 101), статутот односно правилата на друштвото (член 106), договорот за основање на командитното друштво (член 110) да содржат одредби за вработување на неопределено време на директорот односно законскиот застапник и за минимумот потребен број работници пропишан со одделни закони, како услов за вршење на дејноста.

Со членот 3 од Законот се додаваат четири нови члена 184-а, 184-б, 184-в и 184-г. Според членот 184-а, субјектот на уписот е должен во рок од 30 дена по уписот, до регистарскиот суд да достави договор за работа, заверен од организацијата надлежна за посредување при вработување, за вработување на неопределено време на директорот, односно законскиот застапник на претпријатието, како и за минимумот потребен број работници пропишан со одделни закони, како услов за вршење на дејноста. Согласно членот 184-б, досегашните регистрирани субјекти во судскиот регистар се должни во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до регистарскиот суд да го достават актот од член 184-а на овој закон. Членот 184-в утврдува доколку субјектот на уписот во пропишаниот рок не го достави договорот за работа од членовите 184-а и 184-б на овој закон, регистарскиот суд е должен, по службена должност, да го избрише од судскиот регистар. Според членот 184-г регистарскиот суд е должен, и по истекот на рокот од член 184-в на овој закон, а врз основа на пријава од инспекторот на трудот, да изврши бришење од судскиот регистар на правно лице кај кое се констатира дека нема склучен и заверен договор за работа на неопределено време на директорот, односно законски застапник, како и за минимумот потребен број работници пропишан со одделни закони, како услов за вршење на дејноста”.

Според членот 4, Законот, влегува во сила на 1 јануари 1996 година.

6. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Членот 32 став 1 од Уставот утврдува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со оспорените одредби од Законот се создава обврска во постапката на уписот во судскиот регистар задолжително да се пријави податокот за вработување на неопределено време на директорот односно на законскиот застапник и за минимумот потребен број работници за вршење на дејноста за која се основа правниот субјект.

Од наведеното произлегува дека податокот за вработување е релевантен за уписот во судскиот регистар, а не за почетокот на вршењето на дејноста во смисла на член 147 од Законот за претпријатијата.Имено, според овој член претпријатието не може да започне ниту да ја врши дејноста ниту да ги менува условите на нејзиното вршење ако надлежниот орган не донел решение за тоа дека се исполнети условите во поглед на техничката опременост и заштитата при работата, на заштитата и унапредувањето на човековата средина, како и дека се исполнети и другите услови пропишани во согласност со законот. Според мислењето на Судот, за да почне претпријатие со вршењето на дејност покрај другите услови треба да биде исполнет и условот за вработување предвиден во посебните прописи. Во таа смисла надлежниот орган носи решение за тоа дека се исполнети условите од членот 147, а во спротивност согласно член 190 од Законот, претпријатието ќе биде соодветно казнето за стопански престап. Меѓутоа, рокот за почеток на вршење на дејноста не се определува со закон туку почетокот е оставен на волјата на самите основачи во зависност од материјалните услови и можности. Со спротивното постапување, Судот смета, дека се нарушува уставната гаранција на слободата на претприемништвото бидејќи го ограничува претприемачот. Податокот за вработување што треба да се даде во определен рок по уписот во судскиот регистар го загрозува профитот на претприемачот што е основна цел на претприемништвото. Фактички од почетокот на вршењето на дејноста започнуваат и обврските на субјектите, а не по истекот на рокот од 30 дена по уписот во судскиот регистар.

Законската обврска според која регистарскиот суд е должен, по службена должност да го избрише од судскиот регистар субјектот на уписот кој во пропишаниот рок од 30 дена по уписот не достави заверен договор за работа, го наметна прашањето дали тоа значи автоматско бришење од судскиот регистар и со оглед на тоа што ќе стане со должничко доверителските обврски на субјектот на уписот. Судот оцени дека правен субјект не може автоматски, по службена должност да биде избришан од судскиот регистар без претходно спроведена постапка согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација.

Понатаму, Судот оцени дека одредбата од Законот со која се создава обврска за досегашните регистирани субјекти до регистарскиот суд да достават заверен договор за работа на неопределено време на директорот односно законскиот застапник на претпријатието, како и за минимумот потребен број работници пропишан со одделни закони како услов за вршење на дејноста, има повратно дејство поради тоа што со него се менуваат односите кои се на правно релевантен начин завршени пред денот на влегувањето во сила на овој закон. Имено ваква обврска не постоела во времето пред донесувањето на овој закон, поради што за граѓаните- сопственици на досегашните правни субјекти овој закон е понеповолен.

7. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека Законот не е во согласност со уставните одредби кои се однесуваат на принципот на владеењето на правото, слободата на претприемништвото и повратното дејство на законите, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Судот ја укина времената мерка за запирање од извршување на актите и дејствијата донесени односно преземени врз основа на Законот, затоа што донесе конечна одлука за укинување на законот.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.343/95 У.бр.344/95 У.бр.10/96)

Leave a Reply