35/1996-0-0

35/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 95 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Петре Петрески од с. Брвеница – Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 95 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба била нејасна, а со нејзината примена се оневозможувало конституирање на советите на месните заедници, што било во несогласност со членовите 114 и 115 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 95 став 2 од Законот за локалната самоуправа, месните заедници, односно нивните органи продолжуваат со работа во постојниот состав и со истата надлежност до донесувањето на статутите на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон.

4. Тргнувајќи од причините и мотивите за оспорување наведени во иницијативат,а дека оспорената одредба била нејасна, а со нејзината примена се оневозможувало конституирање на советите на месните заедници, според мислењето на Судот, прашањето се сведува на примена на законот, за што не е надлежен да одлучува Уставниот суд. Имено, непосредно одговорни за извршувањето и применувањето на законите и за следење на нивното извршување и давање појаснувања за нивната примена, како и овозможување за што побрзо и поцелосно остварување на правата и интересите на граѓаните, претпријатијата, установите и другите субјекти, согласно членовите 5, 6 и 7 од Законот за органите на управата, се органите на управата, во конкретниот случај Министерството за правда на Република Македонија. Дали, притоа, престанло функционирањето на Советот на Месната заедница во Брвеница – Тетовско заради осипување на неговото членство, дали се вршени злоупотреби, дали е исправен одговорот на претседателот на Собранието на Општина Тетово во однос на изборот на членовите на Советот и слично, се фактички прашања за кои Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.35/96).

Leave a Reply