4/1996-0-0

4/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 алинеа 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 3 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.61/94 од 13 октомври 1994 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија д-р Владан Златановиќ од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од член 3 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение и за преиспитување на Решението означено во точката 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот за продажба на становите во општествена сопственост од продажбата биле изземени станови во општествена сопственост кои општеството ги стекнало по “присилни прописи”, односно по пат на станарското право на овие станови, станарското право го добиле по ист основ, без оглед на потеклото на општествената сопственост врз становите. Со оспорената одредба била извршена поделба на носителите на станарското право, на граѓани кои можеле и на граѓани што не можеле да ги откупат општествените станови и покрај тоа што во двата случаја се работело за општествени станови што не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија. Исто така, со таквата поделба на граѓаните со станарско право на општествени станови бил повреден и член 52 од Уставот затоа што оспорената одредба се однесувала на носителите на станарското право кои ова право го стекнале пред нејзиното стапување во сила.

Понатаму, во иницијативата се осврнува на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.61/94 од 13 октомври 1994 година и се укажува на некои “нелогичности” во образложението и се бара негово преиспитување.

4. На седницата Судот утврди дека според оспорената одредба од Законот сопственикот на станот не може да го продаде станот на носителот на станарското право или со негова согласност на член на неговото семејно домаќинство кој е корисник на станот, односно овие лица не можат да бараат од надлежниот суд да донесе решение што ќе го замени договорот за купопродажба, доколку сопственикот на станот, станот го стекнал по основ на таканаречените присилни прописи.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.

Со членот 52 став 4 од Уставот е предвидено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поппволно за граѓаните.

Според мислењето на Судот право е на државата во новиот уставен поредок на поинаков начин да ги уредува односите од уредените во претходниот правен поредок. Во таа смисла, поаѓајќи од заштитата на приватната сопственост, што е доминантно во новиот уставен поредок законодавецот ги исклучил од продажба становите доколку сопственикот на станот, станот го стекнал по основ на таканаречените присилни прописи.

Со оглед на тоа што оспорената одредба уредува односи со кои се заштитува приватната сопственост во новиот уставен поредок, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот од аспект на повратното дејство.

6. Разгледувајќи ја повторно оспорената одредба од Законот и наводите изнесени во иницијативата за преиспитување на Решението У.бр.61/94 од 13 октомври 1994 година, Судот оцени дека нема основ за поинакво одлучување.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.4/96)

Leave a Reply