372/1995-0-0

372/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 21 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 5 од Програмата за поставување времени објекти на подрачјето на Општина Титов Велес за обавување на стопански и други дејности, донесена на 22 јануари 1992 година од Собранието на Општина Титов Велес (“Службен гласник на Општина Титов Велес” од 27 мај 1992 година).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Александар Панов од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 5 од Програмата означена во точката 1 од ова решение затоа што со неа се забранувало поставување на времени објекти во дворните места на индивидуалните објекти со што на граѓаните сопственици на дворни места им се ограничувало правото на сопственост, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека според Програмата времени објекти се објекти чија изградба не е предвидена со урбанистички план и се наменети за вршење на стопанска и друга дејност од монтажно-демонтажен карактер, како типски елементи, настрешници или изведени со типски проекти и кои се преносливи во целост или во делови. Според Програмата времените објекти се поставуваат во населени места или надвор од нив на простор кој е уреден со урбанистички план, но се уште не дошло до негова реализација. Според оспорената точка 5 од Програмата во дворните места на индивидуалните објекти не се дозволува поставување на времени објекти.

Понатаму, Судот утврди дека во фазата на Предлог – програма е добиена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија бр.08-4457 од 19 ноември 1991 година.

4. Согласно член 34-а од Законот за изградба на инвестициони објекти (Сл. весник на Република Македонија” бр.15/90 и 11/91) како времени објекти во смисла на овој закон се сметаат објекти од монтажно-демонтажна конструкција или изградени од материјали погодни за демонтажа. Според член 34-б од законот, за поставуваање времени објекти, собранието на општината односно Собранието на град Скопје донесува програма по претходна согласност на републичкиот орган надлежен за работите на урбанизмот. Согласно член 34-б од Законот за поставување на времен објект републичкиот орган на управата надлежен за работите на градежништво издава одобрение во кое се утврдуваат условите, начинот на поставувањето и отстранувањето на времениот објект.

Во Законот за системот на просторното и урбанистико планирање е предвидено дека изработувањето и донесувањето на урбанистичките планови се работи од јавен интерес со што се обезбедува порамномерен просторен развој и рационално уредување на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, се преземаат мерки за заштита и унапредување на животната средина. Според Законот општината е надлежна да донесува генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината.

Од цитираните одредби произлегува дека за донесување на програмата за поставување на времени објекти е предвидена само претходна согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанисмот оставајќи потполна слобода на општината да го уреди местото, условите, начинот и видот на поставувањето на времените објекти. Со тоа што во точката 5 од Програмата не се дозволува поставување на времени објекти во дворните места на индивидуалните станбени објекти Судот оцени дека не се повредува правото на сопственост туку право е на собранието на општината во рамките на рационалното уредување и користење на просторот и стварање услови за хумано живеење и работа на граѓаните поставувањето на времените објекти да биде само на просторот уреден со урбанистички план, а во кој простор не се опфатени дворните места на индивидуалните станбени објекти.

Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената точка 5 од Програмата со Уставот и со закон, и одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.372/95)

Leave a Reply