363/1995-0-0

363/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, донесена од Собранието на Општина Куманово на 14 март 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Душан Димитријевиќ од Куманово поведе постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката се предвидува таа да влезе во сила од денот на донесувањето (14 март 1995 година), а да се применува од 1 март 1995 година и да се објави во “Службен гласник на Општина Куманово”.

5. Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Со оглед на тоа што со Одлуката се предвидува нејзино влегување во сила со денот на донесувањето (а не по објавувањето) и нејзино применување пред влегување во сила, Судот утврди дека таа не е согласна со Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.363/95)

Leave a Reply