263/1995-0-0

263/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 35 став 2, член 121-в, член 123, членовите 135, 136, 137 и 138 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија”бр.80/93, 3/94 и 14/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Стамен Филипов од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се определувало дека работникот има право на приговор, а не на жалба и дека приговорот на работникот, поднесен против првостепен акт на работодавецот во врска со продолженото работно време и со престанокот на работниот однос односно со привременото отстранување од работа во определени ситуации, не го одлага извршувањето на првостепениот акт, со што не се остварувало уставно загарантираното право на жалба, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со членот 35 став 2 од Законот се определува оти во случаите од став 1 на овој член работникот е должен да работи и поднесувањето на приговор не го задржува извршувањето на одлуката. Инаку, во ставот 1 на член 35 од Законот, се определуваат случаите во кои работното време на работникот може да трае подолго од 40 часа во работната недела.

Понатаму, во член 121-в од Законот се предвидува дека приговорот против престанок на работниот однос односно против отстранувањето од работното место или од кај работодавецот во смисла на членовите 121-а и 121-б не ја задржува од извршување одлуката за отказ односно писмениот налог. Инаку, во членот 121-а од Законот се определуваат случаите во кои му престанува работниот однос на работникот без отказен рок, а во членот 121-б од Законот се определуваат случаите во кои со писмен налог работникот се отстранува од работното место или од кај работодавецот.

Исто така, Судот утврди дека во членот 123 од Законот се определува против отказот за престанок на работниот однос работникот да има право на приговор до органот на управување односно работодавецот, при што, приговорот се поднесува во рок од 8 дена од денот на добивањето на отказот, а одлука по приговорот се донесува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот, па работникот кој не е задоволен со одлуката донесена по приговорот има право да поведе спор пред надлежниот суд.

Оспорениот член 135 од Законот предвидува дека работникот има право да поднесува барање заради остварување на своите права од работниот однос, како и право на приговор против одлука донесена во врска со неговите права, обврски и одговорности, при што барањето односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор, во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право односно од денот кога дознал за повредата на правото, па поднесувањето на барањето од став 1 на овој член го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето на конечна одлука кај работодавецот, освен во случаите утврдени со закон.

Судот, понатаму, утврди дека членот 136 од Законот определува дека надлежниот орган е должен да донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето односно приговорот.

Освен тоа, во член 137 од Законот се предвидува дека надлежниот орган е должен, пред донесувањето на одлуката по барањето односно по приговорот на работникот, да побара мислење од синдикатот во кој членува работникот и задолжително да го разгледува и за него да се изјасни, ако синдикатот доставил мислење, при што синдикатот може да учествува во постапката пред надлежниот орган кој одлучува за поднесеното барање односно приговор на работникот и по негово барање или согласност да го застапува во остварувањето на неговото право.

Судот, исто така, утврди дека со членот 138 од Законот се определува дека работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето односно на приговорот има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд, при што заштита на правата пред надлежниот суд работникот не може да бара ако претходно не барал заштита на правата пред надлежниот орган кај работодавецот, освен правото на парично побарување.

4. Според член 32 став 5 на Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека законодавецот има уставен основ, во рамките на начелното овластување да ги уредува положбата и правата на вработените, да ја регулира постапката за остварување на правата на вработените и во тој склоп кој правен лек може да се употреби против првостепен акт на работодавецот.

Од друга страна, со член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, а не и против поединечни правни акти донесени во прв степен од работодавецот во врска со правата на работниците од работниот однос.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.118/95 и У.бр.263/95)

Leave a Reply