247/1995-0-0

247/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 декември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93 и 6/95).
2. СЕ ПОНИШТУВААТ Правилникот за услови и критериуми за стекнува ње на професионални звања од областа на сметководството, донесен од Собранието на Сојузот на сметководители, финансисти и ревизори на Република Македонија на 29 декември 1994 година и 20 септември 1995 година, и Правилникот за условите и критериумите за стекнување професионално звање од областа на сметководството-овластен сметководител, донесен од Конференцијата на Комората за сметководствено-финансиските работници на Република Македонија (“Слу жбен весник на Република Македонија” бр.40/95) на 11 јануари 1995 година.
3. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на правилниците означени во точката 2 од оваа одлука.
4. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”
5. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Центарот за економско-правен консалтинг “Б&Ф”, Комората на сметководствено-финансиските работници на Република Македонија и адвокатот Гаврил Коцевски сите од Скопје,со Решение У.бр.247/95, 248/95, 271/95 и 304/95 од 1 ноември 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите на член 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, а правилниците означени во точката 2 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за сметководството.
6. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 1 од Законот за сметководството водењето на деловните евиденции субјектот (правните лица со седиште во Република Македонија и физичките лица кои вршат дејност утврдена со Законот за единствена класификација на дејностите и кои се обврзници на данок од добивка) го доверува на стручно лице внатре или надвор од субјектот, а според ставот 2 од овој член, стручното лице – овластениот сметководител е одговорно за исправноста на евиденцијата и за реалноста на податоците и нивно презентриање пред институциите за контрола и ревизија според одредбите на овој закон.
Со оспорената одредба на ставот 3 од овој член се уредува дека стручното лице – овластениот сметководител е должен да се регистрира во регистерот при стручната организација.
Стручната организација за сметководители, финансиери и ревизори, според оспорената одредба на ставот 4 од овој член, ги определува условите и критериумите за стекнување на звање на овластени сметководители и ревизори, а според оспорениот став 5 од овој член на Законот, таа органисзација ги издава и ги одзема цертификатите на овластен сметководител и ревизор.
Според ставот 6 од овој член на Законот, субјектот е должен да го пријави овластениот сметководител во Министерството за финансии, а според ставот 7 од овој член, Министерството за финансии води регистар на овластени лица од став 2 на овој член.
Со член 87 од Законот е утврдено дека одредбите на член 12 ставовите 3, 4, 5, 6 и 7 ќе се применуваат од 1 јануари 1996 година.
Судот, исто така, утврди дека со провонаведениот правилник означен во точката 2 од оваа одлука се уредуваат еднакви услови и критериуми за стекнување,доделување односно одземање на овластување издадено како сертификат за професионални звања од областа на сметководството. Така, како професионални звања, согласно номенклатурата се: сметководител, самостоен сметководител и овластен сметководител (член 2 од Правилникот). Со одредбите на членовите 3, 4 и 5 од Правилникот, посебно се определуваат елеменетите за сметководителот, самостојниот сметководител и овластениот сметководител, што ја сочинуваат содржината на звањето што го поседуваат физичките лица за вршење на таа професија. Исто така, со членовите 6, 7, 8 и 9 одделно се определуваат условите што треба да ги исполнува физичкото лице за да се стекне со соодветното звање (школска подготовка, работно искуство и проверка на стручните знаења по посебен наставен план и програми).
Според членовите 10 и 11 од Правилникот се определуваат условите за стекнување на членство во Сојузот воопшто на правното лице и на правното лице за давање на интелектуални консалтинг услуги. Понатаму, со член 12 од Правилникот се уредува дека минималната школска подготовка на физичките лица од членовите 6, 7 и 8 се докажува со оригинално свидетелство, диплома или нострифициран документ, а со членовите 13, 14, 15 и 16 од Правилникот, конкретно се определува работното искуство што треба да го поседуваат соодветните звања на сметководителите.
Со член 17 од Правилникот се уредува должноста од континуирано и прифесионално усовршување спрема програмата за професионална едукација, која се евидентира во членската книшка на лицето стекнато со соодветно звање.
Со членовите 18 до 24 од Правилникот се уредува доделувањето, одземањето и евиденцијата на издадените сертификати за звањата, односно за нивното членство во Сојузот.
Со членовите 25 до 27 од Правилникот се уредува преодниот режим, при што, покрај другото е предвидено субјектот за давање на интелектуални консалтинг услуги од областа на сметководствено-финансиската проблематика да го губи својството на член во Сојузот, ако одржува советувања или предавања без претходна најава во Сојузот во рок од 120 дена пред одржување на советувањето, ако не ја подмирува чланарината или ако изнесе писмени ставови и мислења спротивни на мислењата и толкувањето на надлежен орган.
Со членовите 28 и 29 од Правилникот се уредува објавувањето во списанието ” ;Сметководствно-финансиска ревија” на стекнатите професионални звања на физичките лица и членството на правните лица во Сојузот како и влегувањето во сила и објавувањето на Правилникот.
На крајот, Судот утврди дека со второнаведениот правилник означен во точката 2 од оваа одлука се уредуваат единств ени услови и критериуми за стекнување, доделување, односно одземање на овластување издадено како сертификат за професионално звање од областа на сметководството-овластен сметководител. Предвидено е сертификатот за овластен сметководител да го издава оваа комора, на физи чки лица, кои имаат работно искуство во практиката од најмалку две години и стручни знаења што ги проверува посебна комисија овластена од Одборот за развој на семтководствената и финансиската теорија и практика, согласно изготвена програма. Со такво звање, согласно член 5 од Правилникот може да се стекне и физичко лице со несоодветна школска подготовка со работно искуство во практиката од најмалку пет години, во случај ако положи стручен испит пред Комисијата.
Според член 9 од Правилникот, по стекнување на професионално звање-овластен сметководител, физичкото лице е должно контниуирано и професионално да се усовршува според програма за професионална едукација, што ја донесува Одборот по претходно мислење од Претседателството на Комората. Реедукацијата на овие лица, според став 4 од овој член, ја вршат правните лица – кои вршат консалтинг услуги.
Со Правилникот, исто така, се уредуваат прашањата по однос на доделувањето и евиденцијата на сертификатите.
7. Според член 8 став 1 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа и слободен избор на вработување, според ставот 2, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со член 91 алинеја 1 од Уставот се уредува дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од овој член, таа донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи предвид дека со оспорените одредби на член 12 од Законот за сметководството се востановува обврска за стручното лице – овластен сметководител да се регистрира во регистаер на стручната органиазација, дека стручната организација за сметководители, финансиери и ревизори ги определува условите и критериумите за стекнување на звањето на овластени сметководители и ревизори и дека оваа организациј а ги издава и ги одзема цертификатите на овластен сметководител и ревизор, според мислењето на Судот, се повредуваат одделни уставни принципи. Имено, деловните евиденции што се обезбедуваат преку водење на деловни книги имаат карактер на јавни документи и по својата природа се прашања од чисто јавно – правен карактер што се предмет на законско уредување. Според тоа, со закон не може да се овластува стручна организација како здружение на граѓани (сојуз, комора или друго професионално здружение), како што е во конкретниот случај со стручната организација за сметководители, финансиери и ревизори, да ги уредува таквите прашања. Во таа смисла, регистрирањето на овластените лица во посебен регистар, определувањето на условите и критериумите за стекнување на звања на овластени сметководители и ревизори и издавањето и одземањето на сертификатите на тие лица е предмет на законско уредување. Доколку заради специфи чностите и рационалниот приод, тоа не може да се постигне, тогаш, врз оваа основа и во рамките утврдени со законот, нивната разработка, конкретизирање и доуредување, во рамки на извршната функција, може да се направи со донесување на пропис за извршување на законот, што е во ингеренции на Владата на Република Македонија, а не на стручна организација или здружение. Исто така, треба да се има предвид дека со давањето на јавни овластувања за уредување на прашањата како што се за деловните евиденции од страна на стручни организации, односно здруженија, доага до судир на јавниот интерес олицетворен во државата, со интересите на таквата организација односно здружение.
Покрај тоа, со овластувањата на стручната организација да ги врши работите утврдени со оспорените одредби, поаѓајќи од нејзиниот карактер на доброволно здружување и зачленување, што може со свои акти да создава обврски само за своето членство, всушност се воспоставува присилно здружување, ограничувајќи ја гаранцијата на слободата на здружување.
Понатаму, преку утврдувањето на дополнителните услови за вршење на сметководствените работи што најдиректно произлегуваат од оспорените одредби, се создаваат можности за ограничување на правото на работа, и правила, освен со закон и колективен договор, остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат и со акти на стручна организација.
Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека одредбите на член 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството не се во согласност со наведените одредби од Уставот.
8. Тргнувајќи од околноста што со оспорениот првонаведен правилник означен во точката 2 од оваа одлука, се уредуваат прашања за остварување на односите што произлегуваат од оспорените одредби на членот 12 од Законот за сметководството, Судот оцени дека и тој не е во согласност со Уставот. Покрај тоа, Правилникот не се движел во рамките на Законот, бидејќи врши категоризација на стручното лице – овластен сметководител на три посебни групи и утврдува различни услови и критериуми за стекнување на соодветното звање, во зависност од тоа дали се однесува на сметководител, самостоен сметководител или овластен сметководител. Исто така, со Правилникот се предвидуваат повеќе услови за стекнување со звањето овластен сметководител, а чие исполнување значи задолжително зачленување во Сојузот, како за физичките лица, така и за правните лица. Понатаму, се утврдуваат бројни ограничувања за вршителите на оваа дејност, кои излегуваат надвор од овластувањата утврдени со Уставот и Законот за сметководството, поради што Судот оцени дека Правилникот не е во согласност и од овој аспект.
9. Во однос на оспорениот второнаведен правилник означен во точката 2 од оваа одлука, покрај еден дел од причините за несогласност на оспорените одредби наведени во точките 7 и 8 од оваа одлука, Судот оцени дека тој не е во согласност со Уставот и Законот, бидејќи нема основ за негово донесување.

10. Судот ја укина времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на правилниците означени во точката 2 од оваа одлука, бидејќи ја донесе конечната одлука за оценување на нивната уставност и законитост.
11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од оваа одл ука.
12. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.247/95, 248/95, 271/95 и 304/95

Leave a Reply