160/1995-0-0

160/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 декември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за цените на одредени комунални услуги донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Илинден” во Пробиштип на 13 јануари 1995 година, во делот што се однесува на
а) градско зеленило;
б) комунален придонес; и
в) одржување на градски гробишта.
2. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.160/95 од 1 ноември 1995 година, по поднесена иницијатива од Крсто Трајков и други граѓани од Пробиштип, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на делот од Одлуката означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната уставност и законитост.
3. Во одговорот на наводите на Решението, Јавното претпријатие “Илинден” во Пробиштип наведе дека оспорената одлука претставува интерен акт со која се определуваат цени на одделни комунални услуги кои се утврдуваат во почетокот на годината и како такви се основа за изготвување план за работа за односната година, а во кој биле програмирани работите, потребните средства за покривање на трошоците, како и изворите на прихоците. Планот се доставувал до Собранието на Општината кое го разгледувал и усвоил заклучок за негово усвојување.
При утврдувањето изворите на приходите за покривање на трошоците за одржување на градското зеленило, бил одреден процент од цената на потрошен м3 вода, во висина од 6%.
По истиот принцип, со усвојување на Планот за работа на Претпријатието за 1990 година, била донесена и одлука за утврдување на надоместок за одржување на градските гробишта во град Пробиштип.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената Одлука е определена цената на одредени комунални услуги и тоа за: вода за домаќинство; канализација, градско зеленило; изнесување на смет; комунален придонес и а одржување на градските гробишта.
5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собрнаието на република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Според член 3 од Законот за уредување и одржување на зелените површини (“Службен весник на СРМ” бр.45/68), за уредување и одржување на зелените површини во општествена сопственост што се во општа употреба се грижи општината. Според ставот 2 на овој член, зелените површини во општествена сопственост што не се во општа употреба ги уредуваат органите односно работните и други организации кои управуваат со тие површини, а според ставот 3 на овој член општинските собранија со своја одлука ги одредуваат зелените површини што се во општа употреба.
Според член 11 од Законот одржувањето на зелените површини се врши според нормативите што ги пропишува општинското собрание, а според членот 12 од Законот, ако органот односно организацијата што управува со зелените површини не ги одржуваат зелените површини редовно и во сообразност со утврдените нормативи, општинскиот орган на управата надлежен за комунални работи ќе нареди утврдените неправилности да се отстранат во рок што ќе го определи. Во спротивно органот ќе нареди утврдените неправилности да се отстранат на сметка на органот односно организацијата што управува со зелената површина (член 13 од Законот).
Од наведените законски одредби произлегува дека зелените површини се исклучиво грижа на општината и дека општината ги утврдува изворите на средства за оваа цел.
Надоместокот за градското зеленило утврден со оспорената одлука несомнено претставува обврска за граѓаните и правните лица што треба да го плаќаат како цена за комунална услуга, односно за уредување и одржување на градското зеленило, што според мислењето на Судот, по својот карактер претставува јавна давачка. Со оглед на тоа што Јавното претпријатие не е овластено да утврдува обврска за граѓаните и за правните лица да плаќаат надомест за градско зеленило, Судот оцени дека, во овој дел Одлуката, не е во согласност со наведените уставни и законски одредби.
Со членот 7 од Законот за гробиштата (“Службен весник на СРМ” бр.18/73), е предвидено дека гробиштата се изградуваат, уредуваат и одржуваат во согласност со урбанистичките и санитарните прописи и на начин предвиден со пропис на општината, а според член 12 од Законот, употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината. Со гробиштата се управува врз основа на правилата што ги донесува општината односно органот или организацијата што тоа ќе ја задолжи.
Од изнесените законски одредби произлегува дека општината или од неа овластена организација, е овластена да ги уредува прашањата на употреба на гробишта. Според тоа, ниту општината, ниту јавното претпријатие е овластено да воведува давачка на име цена за комунална услуга за одржување на гробишта. Со оглед на тоа што со оспорената одлука е воведена давачка за граѓаните за одржување на гробиштата, Судот оцени дека во овој дел Одлуката не е во согласност со наведените уставни одредби и со наведените одредби од Законот за гробиштата.
Според член 44 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91), собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации.
Со Одлуката од став 1 на овој член се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот.
Надоместокот од став 1 на овој член го плаќа непосредниот корисник на таквото земјиште.
Како непосреден корисник, во смисла на став 3 на овој член се смета носителот на правото на користење на недвижности и сопственикот на станарското право.
Од наведените законски одредби несомнено произлегува дека овој вид давачка може да ја утврди само општината, како и да ја утврди висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето. Според тоа, јавното претпријатие немало овластување да утврдува комунален придонес и да ја определува цената на овој вид придонес, поради што Судот оцени дека и во овој дел Одлуката не е во согласност со наведените уставни одредби и наведените одредби од Законот за градежното земјиште.
6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.160/95):

Leave a Reply