208/1995-0-0

208/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 ноември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за избор на органите на управување и на другите органи во организациите на здружениот труд (“Службен весник на СРМ” бр.42/77).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Слободан Киселоски од Прилеп, со Решение У.бр.208/95 од 4 октомври 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон, покрај заедничките одредби (чл.1- 8), содржи одредби за избор, отповик и разрешување на органите во основната организација (чл.9-53), избор и отповик на органи во работната организација (чл.54-63), избор и отповик на органи во сложена организација на здружениот труд (чл.64), заштита на избирачкото право (чл.65-69), посебни одредби (чл.70-73) и преодни и завршни одредби (чл.74-76). Така, во заедничките одредби, покрај другото, се уредува дека: изборот и отповикот на делегатите во работничкиот совет во ОЗТ, кој се врши врз основа на еднакво и непосредно избирачко право (член 1); членовите на органот на самоуправната работничка контрола во ООЗТ ги избираат и отповикуваат работниците на основната организација непосредно; и, дека тоа се врши врз начелата на делегатскиот систем (член 2); членовите на извршниот орган ги избира работничкиот совет (член 3); работоводниот орган на ОЗТ го именува работничкиот совет и дека за ОЗТ што вршат дејност, односно работа од посебен општествен интерес со закон можат да се пропишат посебни услови и начин на именување на работоводен орган (член 4); се определуваат организациите и заедниците на кои во основа се применуваат одредбите на законот (банки, заедници на осигурување, деловни заедници, задруги, самоуправни интересни заедници, општествени и општествено-политички заедници, општествени и општествено-политички организации, други самоуправни организации и заедници и нивни здруженија (член 8 од Законот).
Во главата за избор, отповик и разрешување на органите во основната организација, се уредуваат прашањата за: избор на работничкиот совет; предлагање и утврдување на кандидатите; гласања и утврдување на резултатите од гласањето; избор на делегати од редот на работниците што засноваат работен однос на определено време; услови и начин на отповик; избор и отповик на орган на самоуправна работничка контрола, и именување и разрешување на индивидуалниот односно претседателот и членовите на колегијалниот работоводен орган.
Во главите за избор и отповик на органи во работната организација и на сложената организација на здружениот труд, покрај повикувањето на соодветна примена на одредбите од претходната глава, се уредуваат и посебните прашања што произлегуваат од карактерот на овие организации.
Во главата за заштита на избирачкото право, покрај механизмите на таквата заштита во рамките на соодветната ОЗТ, се уредува и улогата на собранието на општината, органот на самоуправната работничка контрола, општествениот правобранител на самоуправувањето и синдикалната организација во заштитата на тие права, како и нивната заштита пред основните и Судот на здружениот труд на Македонија.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и: владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, а според ставот 2 на овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Со член 58 став 1 од Уставот се уредува дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а според ставот 2 од овој член на Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ги предвид и другите крупни промени што настанаа во правниот систем на Републиката што се одразуваат низ Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека Законот за избор на органите на управување и на другите органи во организациите на здружениот труд, содржи суштински и терминолошки неусогласености, поради што не е во согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка та 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите: Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.208/95

Leave a Reply