277/1995-0-0

277/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 71 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милан Величковски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 71 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се ограничувало правото на одреден број граѓани да бидат избрани за судии и судии поротници, односно ова право им било ограничено на блиските сродници, што не било во согласност со член 9 од Уставот .
Понатаму во иницијативата се наведува дека со Уставот не е предвидена можност за ограничување на правото на еднаквост. Доколку законодавецот сакал во судските спорови странките да ги заштити од пристрасност на судиите, таква можност била предвидена со Законот за парнична постапка и со Законот за кривична постапка, со предвидувањето на институтот “изземање”.
Исто така на подготвителната седница подносителот на иницијативата го потенцира прашањето дека судиите и судиите-поротници не се наоѓаат во еднаква положба и поради тоа не би требало за овие две категории да се предвидуваат еднакви услови.
3. Судот на редовната и на подготивтелната седница утврди дека во членовите 38 до 48 од Законот и во други одредби од Законот: за судовите се утврдени условите, начинот и постапката за избор на судиите и судиите поротници, при што во член 40 став 1 е утврдено начелото дека при изборот на судиите и судиите поротници не смее да има дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Во членот 43 од Законот се утврдени условите за избор на судии во основниот, апелациониот и Врховниот суд на Република Македонија.
Во делот на Законот за оддалечување и разрешување од судската функција во оспорениот член 71 е предвидено за судија или судија поротник да не може да биде избрано лице кое со судијата или судијата поротник во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.
4. Во Уставот на Република Македонија посебно место зазема поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, што е утврдено и како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 алинеја 4). Во согласност со така извршената поделба на власта согласно член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите како самостојни и независни органи кои судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Организацијата на судството е единствена, а видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека прашањата за видот, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите се уредуваат со закон, па во тие рамки право е на законодавецот да ги утврди и посебните услови за избор на судии, а при утврдувањето на тие услови за одредена категорија на граѓани да утврди и ограничување за избор во ист суд на судии и судии-поротници кои се во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или се во брак.
Исто така од изнесените уставни одредби призлегува дека основно начело во вршењето на судиската власт е самостојноста и независноста на судовите.
Начелото на независност и самостојнот во вршењето на судиската функција значи гаранција за објективно, непристрасно и совесно вршење на судиската функција која мора да биде имуна од влијанието на поединци или инстутиции.
Со цел да се обезбеди независноста во вршењето на судската функција, судовите и правно и фактички мора да уживаат целосна самостојност. Таква независност се обезбедува пред се со изборот на судиите со неограничен мандат, со судскиот имунитет и други гаранции.
Како една од гаранциите со која се обезбедува самостојноста и независноста на судиите и судиите поротници, според мислењето на Судот, претставува и ограничувањето во ист суд да бидат избрани судии и судии поротници кои се во сродство или во брак, со што се оневозможува да се влијае на одредени судии од лица избрани во истиот суд, кои користејќи ја својата функција и роднинскиот однос се во положба да влијаат при донесување на одредени одлуки.
Исто така, Судот смета дека согласно член 23 од Уставот вршењето на јавни функции не е условено со еднакви услови, од што произлегува дека секој граѓанин под условите утврдени со закон, може да врши јавна функција, а граѓаните што се во брак или во роднински врски со лицата кои веќе вршат судиска функција во истиот суд објективно може да се доведат во привилегирана положба, односно имаат објективно поповолни можности да влијаат на донесувањето на судските одлуки, со што би се загрозила самостојноста и нерпистрасноста при донесување на судските одлуки.
Исто така, Судот смета дека со оспорената одредба не се ограничува правото да се врши судиската функција под еднакви услови, туку само се ограничува таа функција да се врши во ист суд каде што веќе е избрано лице кое во сродство или е брачен другар на лицето кое конкурира за избор на судија.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 71 од Законот со означените одредби од Уставот и дека со него не се повредува уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Су дот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.277/95

Leave a Reply