54/1995-0-0

54/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 9, 10, 11 и 13 од Одлуката за надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Прилеп (“Службен гласник на општина Прилеп” бр.9/86 и 2/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ристо Мидоски во име на група граѓани од Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со нив Собранието на Општината Прилеп воведувало давачки за граѓаните што било во несогласност со Уставот и Законот за градежното земјиште.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одредби на членовите 9, 10 и 11 од Одлуката се утврдува обврска за плаќање надоместок за употреба на градежното земјиште на подрачјето на Општината Прилеп, така што, висината на надоместокот е во зависност од обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Исто така, се утврдуваат роковите за плаќање на надоместокот и се определува непосредниот корисник на земјиштето кој подлежи на обврската за плаќање на надоместокот.
Со член 13 од Одлуката се определува дека средствата од надоместокот се уплаќаат на посебни наменски сметки во буџетот на Општината, а ќе се користат согласно законските прописи.
4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Според член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Според член 115 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено, покрај другото, во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и закон. Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.
Според член 44 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Согласно ставот 2 од овој член на Законот со одлуката за воведување на надоместок се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, а според ставовите 3 и 4 од овој члоен, надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето. Како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.
Со членот 45 од Законот е определено надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште да се плаќа по единица површина, посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека со закон може да се утврди обврска за плаќање јавна давачка, а во тие рамки и јавна давачка за употреба на градежното земјиште. Според мислењето на Судот, надоместокот за употреба на градежното земјиште како јавна давачка произлегува од Законот за градежното земјиште, а со овој закон општината е овластена да може да го утврди надоместокот за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации, да ја утврдува неговата висина, рокови на плаќање и начин на пресметување. Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Одлуката за надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Прилеп со наведените одредби од Уставот и Законот за градежното земјиште.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.54/95).

Leave a Reply