209/1995-0-0

209/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1
од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на
седницата одржана на 14 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на
член 88 став 2 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија
(“Службен весник на Република Македонија” бр.20/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Панче Тевчев од Титов
Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и
законитоста на член 88 став 2 од деловникот означен во точката 1 од ова
решение, затоа што предвидувал Владата по слободна оценка да одлучува за
објавување на решенијата во “Службен весник на Република Македонија” односно
“Посебен службен весник на Република Македонија”, што не било согласно со Устав
и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека согласно ставот 2 на член 88 од
Деловникот на Владата, решенијата се објавуваат, доколку така одлучи Владата во
“Службен весник на Република Македонија” или “Посебен службен весник на
Република Македонија”.
4. Согласно член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е
носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во
рамките на Уставот и законите.
Согласно член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата ја утврдува политиката
на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за
нивното извршување.
Согласно член 89 став 5 од Уставот, организацијата и начинот на
работата на Владата се уредува со закон.
Согласно член 45 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија
(“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90 и 63/94), во извршувањето на
законите и другите прописи и општи акти Владата донесува уредби, одлуки,
упатства, решенија и заклучоци.
Според ставот 2 на овој член од Законот за време на воена и вонредна
состојба, Владата донесува уредби со законска сила.
Од оваа одредба произлегува дека Владата како носител на извршната
власт ги донесува наведените акти, меѓу кои и решенија.
Согласно член 46 став 5, Владата со решение врши именување и
назначување, односно разрешување од должност на функционери, раководни
работници во Владата и во органите на управата, врши и други именувања и
разрешувања за кои е овластена и одлучува за други прашања и за управни работи.
Од друга страна, со уредба Владата го уредува извршувањето на законите
и на другите прописи и општи акти на Собранието, утврдува општи начела за
внатрешната организација на органите на управата и уредува други односи во
согласност со Уставот и законите (член 46 став 1), а со одлука одлучува за
одделни прашања и мерки за извршување на законите и другите прописи и општи
акти на Собранието, основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички
служби за потребите на Владата и на органите на управата (член 46 став 4).
Од наведените законски одредби произлегува дека уредбите, одлуките и
упатствата се акти на Владата со кои се обезбедува извршувањето на законите и
другите прописи, се одлучува за преземање мерки за извршување на законите и се
пропишува начинот на работа на органите на управата, додека решенијата како
акти на Владата имаат карактер на конкретни-поединечни акти со кои се врши
именување, назначување или зарешување од должност на функционерите и
раководните работници на Владата. Од тоа произлегува дека уредбите, одлуките и
упатствата на Владата се општи правни акти кои како такви имаат дејство кон
сите, поради што во Деловникот е предвидено истите да се објавуваат во “Службен
весник на Република Македонија”, а во зависност од нивното значење во дадениот
момент Владата дискреионо одлучува дали тие ќе се објават и во “Посебен службен
весник на Република Македонија”, додека за решенијата, како поединечни правни
акти, е оставено дискреионо таа да одлучи дали ќе бидат објавувани.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од
член 88 став 2 од Деловникот е согласна со Уставот и со закон, поради што
одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р
Тодор Џунов. (У.бр.209/95).

Leave a Reply