80/1995-0-0

80/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јуни 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на градот Гостивар, бр.08-846, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 13 ноември 1992 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.178/95 од 10 мај 1995 година поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука , затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека записници од одржана јавна расправа не постојат. Од целокупната документација со која се располага во овој предмет е извештајот во кој нема никаква идентификација на актот што бил предмет на расправа испратен од подрачната единица на Министерството за урбанизам градежништво, сообраќај и екологија до Министерството за урбанизам и градежништво во Скопје со кое се известува дека јавна расправа била одржана од 27 мај 1992 година до 14 јули 1992 година. Исто така, на Судот му беше доставена потврда дека во деновите 19, 20 и 21 октомври 1992 година било емитувано соопштение на македонски јазик и јазикот на националностите – албански и турски во врск а со урбанистичкиот план. За какви измени на план ниту од овој повик не може да се утврди. Доставените докази очигледно е дека се контрадикторни, затоа што јавната расправа според извештајот била одржана во периодот мај-јуни, а граѓаните за одржување на јавната расправа биле известени во месец октомври истата година.
5. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), нацртите на плановите задолжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог планот. Согласно член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Републичкото собрание односно на собранието на општината, предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Од изнесените одредби на законот произлегува дека како дел од постапката во која граѓаните треба да бидат вклучени во донесувањето на урбанистичките планови, претставува и јавната расправа.
Со оглед на тоа што за донесување на оспорената одлука не е одржана јавна расправа, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената одредба од Законот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д- р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.80/95

Leave a Reply