17/1995-0-0

17/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 2 и на членовите 4, 21 и 22 од Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Службен весник на Република Ма кедонија” бр.2/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Комората на приватниот капитал во Скопје и Акционерското друштво “Факом” од Скопје, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот озна чен во точка 1 од ова решение, поради тоа што членовите 3 и 4 не биле во соглалсност со член 8 точка 6, член 30 став 1 и член 55 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив се ограничувало правото на сопственост и се социјализирала загубата, што претставувало “тежок удар на основните начела на пазарната економија за која се залагаме во Република Македонија”.
Понатаму во иницијативата се наведува дека имајќи ги предвид означените уставни одредби не можело да се донесува закон со кој се предвидува товарот на санација да падне на успешните претпријатија, со што се намалувала нивната економска моќ. Доколку на ваков начин се “опростувале обврските” на доверителите би требало да им се гарантираат побарувањата од други извори, односно ако им се ограничува сопственоста треба да им се гарантира праведен надоместок.
Исто така, со овие одредби се создавала нееднаквост на субјектите на пазарот, со тоа што биле опфатени само одредени претпријатија кои покажувале загуба, а не сите претпријатија што искажуваат загуба и кои биле принудени да одат под стечај бидејќи условите за работа биле особено тешки и не можеле да се надминат без надворешни фактори.
Членовите 21 и 22 од Законот се оспоруваат како несогласни со член 9 и член 54 од Уствот, затоа што работниците во претпријатијата што не биле опфатени со Законот се ставале во нерамноправна положба во однос на работниците вработени во претпријатијата опфатени со Законот.
3. Судот на редовните и на подготвителната седница утврди дека со означениот закон се утврдуваат условите и начинот на организационо и финансиско преструктуирање на дел од претпријатијата кои искажуваат загуба во своето работење, кои претпријатија ги определува Владата на Република Македонија (член 1 од Законот).
Во член 3 став 1 од Зак онот е предвидено дека банките нема да ги наплатуваат обврските по основ на главнини и камати по кредитите на претпријатијата кои настанале до влегувањето во сила на овој закон освен за обврските за кои се издадени гаранции од Владата на Република Македонија.
Во оспорениот став 2 на член 3 од Законот е предвидено дека државата, јавните претпријатија и другите доверители нема да вршат наплата на настанатите побарувања до влегувањето во сила на овој закон освен побарувањата по основ на пензиско и инвалидско осигурување.
Во оспорениот член 4 од Законот е предвидено дека Заводот за платен промет нема да врши наплата на неизвршените налози за плаќање на обврските на претпријатијата по главнините и каматите по кредити од банките и нема да ги извршува налозите по обврските од другите доверители настанати до денот на влегувањето во сила на овој закон.
Во член 7 од Законот е предвидено дека побарувањата на државата, јавните претпријатија и банките, освен побарувањата по основ на пензиско-инвалидско осигурување се претвараат во влог на претпријатието. Другите доверители своите побарувања можат да ги претворат во влог на претпријатието. Претворањето на побарувањето во влог се врши во номинален износ.
Според член 8 од Законот доверителите од член 7 можат да ги продаваат своите побарувања пред нивното претварање во влог. За влогот на доверителите од член 7, согласно член 10, претпријатието издава акции за преструктуирање, кои се приоритетни акции, без право на глас. По исклучок побарувањата на банките и претпријатијата доверители чиј капитал е повеќе од 70% во приватна сопственост се претвораат во обични акции. Согласно член 11 имателот на акциите за прструктуирање може акциите да ги продава, освен на претпријатието со општествен капитал.
Во времето на продажбата приоритетните акции за преструктуирање се претвораат во обични акции чија вредност се утврдува на пазарот. По престанокот на важењето на овој закон се спроведува задолжителна аукциска продажба на продадениот дел од акциите за преструктуирање, освен на претпријатието со општествен капитал.
4. Со член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединцот и на заедницата, а според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои призлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.Според ставот 4 на овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Од изнесената уставна одредба прозлегува дека гаранцијата на правото на сопственост се изразува во неограниченоста на ова право во поглед на нејзиниот предмет, што значи дека тоа право се однесува на подвижни и неподвижни предмети. Неограниченоста на правото на сопственост се состои во правото на сопственикот да го поседува односно држи, користи и со него располага по своја волја и свој интерес.
Меѓутоа, правото на сопственост и неограниченоста во поглед на предметот на правото на сопственост не се недопирливи и апсолутни, туку со Уставот е прокламирано начелото дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи не само за доброто на подинецот, туку и за доброто на заедницата. Исто така, со Уставот како основ за одземање односно ограничување на сопственоста е и јавниот интерес утврден со закон. Уставната одредба според која сопственоста создава права и обврски е потврда на принципот на заемност меѓу правата и должностите. Тоа значи дека со користењето на правото на сопственост не смее да се повредува право на друг и дека со користењето на правото на сопственост треба да се исполнуваат и одредени обврски спрема заедницата.
Уставот на Република Македонија не ја познава и не ја штити општествената сопственост, но сепак таа претставува затечена категорија од поранешниот уставен поредок, при што постои уставна обврска за нејзино трансформирање во одреден вид сопственост (член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот).
Притоа, Собранието како носител на законодавната власт, во смисла на член 61 и 68 од Уставот и член 7 од Уставниот закон е овластено со закон да ги утврди условите, начините и формите на трансформацијата на општествената сопственост во некоја од сопственичките категории.
Со оглед на тоа што целта на оспорениот закон е да се изврши еден вид финансиска и сопственичка трансформација на претпријатијата со општествен капитал преку нивна ревитализација и преструктуирање, Судот оцени дека Собранието е овластено да ги уреди односите во врска со трансформацијата на општествената сопственост и да го пропише начинот, облиците и динамиката на таа трансформација.
Исто така, Судот оцени дека со оспорениот закон се врши еден вид санација на претпријатија со општествен капитал, со цел тие полесно да се трансформираат во одреден вид “сопственички” претпријатија, која санација трае само одреден временски период.
Прита, Судот оцени дека со оспорените одредби од означениот закон на доверителите не им се бришат побарувањата, односно опфатените претпријатија должници – не се ослободуваат од долгот, туку побарувањата или се претвараат во влог или може да се изврши аукциска продажба на побарувањето пред неговото претворање во влог, или пак, побарувњето да мирува до создавање на поволни услови и можности за негово намирување, односно до истекот на рокот на важењето на Законот.
Според тоа, Судот смета дека со одредбите на оспорениот закон не се ограничува и не се одзема сопственоста, туку само привремено мируваат правата на доверителите да располагаат со своите средства, но со цел да се заштити сопственоста од пропаѓање, при што се заштитува не само сопственоста на должниците кои треба да се преструктуираат, туку се заштитува сопственоста на доверителите, со тоа што со Законот се овозможува заздравување и санација на претпријатијата – должници, со што се создаваат и поголеми и пореални можности доверителите да ги намират своите побарувања, од колку што би имале можности кога над претпријатијата би се спровела стечајна постапка.
Со член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката се обврзува да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Од оваа уставна одредба произлегуваат два вида на обврски за Републиката, прво, во вршењето на нејзината заштитна функција таа е должна да обезбеди еднаков правен третман на сите субјекти на пазарот и второ, да презема мерки за спречување на монополската положба и однесување на одделни субјекти на пазарот.
Со оспорениот закон се создаваат посебни услови на стопанисување на одделни субјекти за кои државата има посебен економски или друг интерес да опстојат и да им овозможи нивно вклопување во функционирање на пазарните услови.
Понатаму, поаѓајќи од позицијата и улогата на државата во регулирањето на економските односи, со Уставот иако се прокламира слободата на пазарот и претприемништвото, сепак државата има многубројни обврски од економски и социјален карактер да утврдува одредени принципи со кои се исклучува апсолутното остварување на слободата на пазарот и претприемништвото. Таквите принципи, според Уставот, се спречување на монополската положба и однесување на одделни субјекти на пазарот, одбраната на земјата, заштитата на пиродната и животната средина и здравјето на луѓето (член 55 став 2 и 3 од Уставот).
Превземањето на вакви мерки значи вмешување на државата и во пазарните текови и законитости односно ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, кои доколку се дозволи слободно да делуваат во времето на трансформација на општествената сопственот во одреден вид на сопственост би довеле до економско пропаѓање на одделни дејности и пропаѓање на средства кои се уште се во општествена сопственост, а кои државата е заинтересирана да ги зачува и да овозможи и нивна трансформација во еден од видовите сопственост, во граѓанско правна смисла.
Според тоа, ваквите мерки на државата би можело да се третираат како поттикнувачки, а не како ограничувачки на пазарот и претприемништвото, затоа што се преземаат со цел да се овозможи функционирање на слободата на пазарот и да се создадат услови за еднаков третман на сите субјекти на пазарот.
Во однос на наводот од иницијативата дека со означениот закон треба да бидат опфатени сите претпријатија во Републиката кои искажуваат загуба во своето работење, Судот оцени дека е прашање на законодавната, а и на економската политика на Републиката, во рамките на своите уставни овластувања, и во рамките на своите финансиски можности да создаде услови за опстојување на одделни субјекти кои по нејзина оценка се неопходни за нат амошниот развој на Републиката.
Притоа, во Законот не е наведено на кои претпријатија се однесуваат условите предвидени со него, туку е препуштено нив да ги утврди Владата, врз основа на посебна програма за преструктуирање. Според тоа, со Законот не се фаворизираат то чно определени претпријатија, туку тој се однесува на сите претпријатија што ќе ги определи Владата.
Со оглед на тоа што, според мислењето на Судот, со оспорените одредби од означениот закон всушност се определува посебен начин на трансформација на општествената сопственост за што е овластено да одлучува Собранието на Република Македонија, и со оглед на тоа што со оспорените одредби не се одзема ниту се ограничува сопственоста, туку само правата кои произлегуваат од сопственоста за одреден временски период мируваат или се трансформираат во други права, како и со оглед на тоа што со оспорените одредби всушност се овозможува остварување на уставниот принцип за заштита на сопственоста и уставниот принцип сопственоста да служи не само за доброто на поединецот туку и за доброто на заедницата во целина, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените уставни одредби.
Исто така, Судот оцени дека нема основ за примена на член 30 став 4 од Уставот, како што сметаат подносителите на иницијативата, затоа што според оваа уставна одредба праведен надоместок следува само ако се одземе или се ограничи сопственоста, но не и во случај кога за одреден период се ограничат одредени права кои произлегуваат од сопственоста.
5. Во оспорениот член 21 од Законот е предвидено дека на работниците на кои ќе им престане работниот однос поради спроведување структурни промени, како и на остварувањето на нивните права не се применуваат одредбите од член 127 став 1, членовите 129 и 130 од Законот за работни односи. На работникот на кој му престанал работниот однос поради преструктуирање на претпријатието, според член 22 од Законот, му се исплатуваат неисплатените плати или надоместоци како и надомест во вид на испратнина од Буџетот на Републиката. Испратнината се исплатува во висина на едномесечна плата за секои две години работен стаж, но најмногу до 12 просечни плати. Основица за плаќање на испратнината е исплатената односно пресметаната плата на работникот во последниот месец пред престанувњето на работниот однос, но не повеќе од просечната плата по работник во стопанството на Република Македонија објавена за последниот месец. Испратнината и платите се исплатуваат со денот на престанокот на работниот однос.
Согласно член 23 од Законот, на работниците што препријатието ќе утврди дека треба да им престане работниот однос, работниот однос им престанува со денот на одобрувањето на Програмата за преструктуирање од страна на Владата на Република Македонија. Инвалид на трудот на кој му престанал работниот однос поради преструктуирање на претпријатието, според член 24 од Законот, има право на паричен надоместок во траење од три години во висина од 20% од просечната плата по вработен во стопанството на Републиката на товар на средствата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор при вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Од овие уставни одредби произлегува дека сите граѓани на Република Македонија имаат право на работа, како и право на метеријална обезбеденост за време на привремена невработеност. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба според став 5 на овој член од Уставот, се уредуваат со закон и со колективни договори. Според тоа, правата на граѓаните кои произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и со колективни договори, а при уредувањето на овие прашања би требало да се почитува и уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот. Како едно од правата што произлегуваат од работниот однос, е и правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност кое право е израз н а хуманост, социјалната правда и солидарноста, кои претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.
Еден од начините на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност е предвиден со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), според кој на работникот може да му престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени во случај кога работодавеацот има намера да воведе поголеми промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои ќе предизвикаат потреба од намалување бројот на работниците (член 125 од Законот).
Во член 130 од Законот е предвидено дека на работникот не може да му престане работниот однос ако работодавецот не му обезбеди едно од следните права: вработување кај друг работодавеац без огласување на работното место со преземање и склучување на договор за работа, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка односно квалификација; стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај ист или друг работодавец; и еднократен надомест во вид на испратнина во висина на едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж, а најмногу 12 месечни плати, остварена од претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос, што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.
Со оглед на тоа што во случајов кај претпријатијата опфатени со Законот за преструктуирање, улогата на работодавеацот ја презема државата, нејзино право е да одлучи кои од можните права што при престанок на работниот однос во ваков случај му следуваат на работникот, согласно системските закони, ќе му го овожможи на работниците, зависно од финансиските и други можности и услови. Во конкретниот случај државата се определила за обезбедување на правото на еднократен надомест во вид на испратнина за сите работници на кои ќе им престане работниот однос, кое право го имаат и другите работници во другите претпријатија што не се опфатени со Законот за преструктуирање, согласно член 130 од Законот за работните односи, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со уставното начело на еднаквост.
Исто така, Судот оцени дека не може во случајов да се постави прашањето за еднаквост на работниците на кои им престанаува работниот однос врз основа на Законот за преструктуирање … односно поради одредени структурални промени и на работниците на кои им престанува работниот однос поради стечај на претпријатијата, затоа што станува збор за две различни ситуации, затоа што претпријатијата опфатени со Законот за преструктуирање…. сеуште не се под стечај.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претсе дателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.17/95 и У.бр.47/95

Leave a Reply