238/1993-0-0

238/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија(“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ одредбите од Правилникот за систематизација на работите и задачите, донесен од Министерството за внатрешни работи на 4 септември 1991 година, во делот на условите во кој е предвидено, покрај Висока стручна подготовка и Виша стручна подготовка или само Виша стручна подготовка за работните места 06-2 заменик командир во ПС-Кичево, 07-1 командир во ПС-Зајас и 01-1 командир во ПС-Извор.
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука во делот на условите предвидени за работните места 04-2 самостоен референт за патни исправи, 10-2 самостоен референт за оружје, 10-3 самостоен референт за возила, 10-5 самостоен референт за граѓански состојби и 12-1 раководител за заеднички работи.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива на Младен Китановски од Кичево поведе постапка за оценување законитоста на Правилникот означен во точките 1 и 2 од оваа одлука во делот за условите утврдени за означените работни места. Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 180 став 2 од Законот за органите на управата.
5. На седницата Судот утврди дека во оспорениот правилник за работното место заменик командир во ПС-Кичево е предвидена висока стручна подготовка и Виша стручна подготовка; за командир во ПС-Зајас е предвидена Виша стручна подготовка и за командир во ПС-Извор е предвидена Виша стручна подговорка, при што овие лица се овластени за донесување на решенија во управна постапка.
6. Според член 180 став 1 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90) работниците во органите на управата кои работат на стручни работи сврзани со остварувањето на функцијата на органот на управата мораат да имаат пропишано стручна подготовка, во зависност од сложеноста на работите и работните задачи, а кога тоа посебно е определено и работно искуство во соодветната струка, односно служба.
Според став 2 на член 180 работниците кои непосредно ги извршуваат законите и другите прописи, кои се овластени за донесување на решенија во управна постапка кои преземаат посложени дејствија при решавањето на управни работи на инспекциски работи на подготовка на прописи и други акти на Собранието, на Владата, како и на други работи и задачи чие вршење бара висок степен на стручност и самостојност во работата мораат да имаат висока стручна подготовка.
Од изнесената законска одредба произлегува дека за работниците кои непосредно ги извршуваат законите и другите прописи, кои се овластени да донесуваат решенија во управна постапка, кои преземаат посложени дејствија при решавање на управни работи, на инспекциски работи и други работи чие вршење бара повисок степен на стручност и самостојност мораат да имаат високо образование, а кога тоа е определено и посебно работно искуство. Притоа, стручната подготовка и работно искуство се предвидени кумулативно, а не алтернативно, односно работното искуство како посебен и довлен услов.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај за предвидените места е утврдена Висока или Виша стручна подготовка или само Виша стручна подготовка, а тоа се лица со овластување кои донесуваат решенија во управна постапка, Судот оцени дека предвидувањето на Виша стручна подготовка не е во согласност со законот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Исто така, Судот утврди дека работниците на работните места наведени во точката 2 од оваа одлука за кои е предвидена Висока и Виша или само Виша стручна подготовка се лица без овластување и тие не се овластени да донесуваат решенија во управна постапка, поради што смета дека предвидените услови не се во несогласност со законот, и одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.238/93).

Leave a Reply