252/1993-0-0

252/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 3 од Одлуката за времена забрана на градба на објекти на поширокото централно градско подрачје (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.4/92 и 5/93);
б) Одлуката за усвојување на измените на Деталниот урбанистички план за 3-та урбана единица – Охрид (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.4/93);
в) Одлуката за остварување на Програмата за поставување на времени објекти на Општина Охрид (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.4/91);
г) Одлуката за изменување на дел од Програмата за поставување времени објекти на подрачјето на Општина Охрид (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.8/92) и
д) Одлуката за усвојување на Програмата за измени и дополнувања на Програмата за поставување на времени објекти на територијата на Општина Охрид (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.2/93).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Охрид, поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени под а), б),в),г) и д), во точката 1 од оваа одлука, затоа што: Собранието на општината не било овластено да доделува градежно земјиште ниту да забранува издавање на решенија за локација; што при усвојувањето на Одлуката за утврдување на измените на Деталниот урбанистички план за 3-та урбана единица-Охрид и при донесувањето на одлуките за усвојување на програмите за поставување на времени објекти, Собранието на Општина Охрид не прибавило претходно мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата, што не било во согласност со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 3 од одлуката означена под а) во точката 1 од оваа одлука се забранува донесување на решенија за доделување градежно земјиште, издавање на локации, урбанистичка согласност и одобренија за градба на централното градско подрачје, до усвојување на Деталниот урбанистички план.
Согласно член 47 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), општинскиот орган, односно органот на градот Скопје, надлежен за работите на урбанизмот издава решение за локација.
Ставот 3 на овој член од Законот, предвидува за објекти за кои одобрение за градба издава републичкиот орган на управата, надлежен за работите на градежништвото, решението за локација да го издава републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот.
Исто така, според член 36 став 2 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91), доделувањето на градежното земјиште го врши Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, Судот утврди дека Собранието на општината нема овластување да донесува решенија за доделување градежно земјиште и решенија за локација ниту да забранува издавање на такви решенија, туку дека таква надлежност имаат Министерството за финансии и Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, односно нивните подрачни единици.
Со оглад на тоа што Собрнаието на Општина Охрид со членот 3 од оспорената одлука изречно забранува: донесување на решенија за доделување на градежно земјиште, издавање на локации, урбанистичка согласност и одобренија за градба на централното градско подрачје, до донесување на Деталниот урбанистички план за овој дел од Градот, Судот утврди дека членот 3 од Одлукат е несогласен со Законот за градежното земјиште.
5. Судот на седницата, исто така, утврди дека Олуката за усвојување на Деталниот урбанистички план, означена под б) и одлуките за усвојување на програмите за поставување на времени објекти, означени под в), г) и д) од оваа одлука биле донесени во постапка спротивна на законот односно не била побарана претходна согласност од надлежниот завод за заштита на спомениците на културата.
6. Согласно член 43 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на СРМ” бр.24/73 и 42/86 и “Службен весник на Република Македонија” бр.12/93), при подготовките и изработката на регионален и урбанистички план, односно одлука што ги заменува тие планови на населби и делови од населби што се запишани во регистарот на спомениците на културата како урбанистичка целина, надлежниот орган е должен да прибави претходно мислење од надлежниот завод.
Со ставот 2 на овој член од Законот, е предвидено претходното мислење да се прибавува од надлежниот завод и кога се врши планирање на одделни објекти, особено кога може да дојде до оштетување на спомениците на културата.
Од наведените законски одредби произлегува дека надлежниот орган е должен во текот на постапката за изготвување на планот да прибави претходно мислење од надлежниот завод за заштита на спомениците на културата односно дека претходното мислење е услов без кој не може да се одвива законски предвидената постапка.
Со оглед на тоа што Собранието на Општина Охрид, при донесувањето на одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за 3-та урбана единица – Охрид, не прибавило претходна согласност од Заводот за заштита на спомениците на културата – Охрид, Судот утврди дека постапката при донесувањето на оспорената одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план за 3-та урбана единица во Охрид не се спроведувала согласно со закон.
7. Што се однесува до оспорените одлуки за усвојување на програмите за поставување објекти од времен карактер, со оглед на тоа што при нивното донесување Собранието на Општина Охрид не прибавило претходно мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата, Судот оцени дека се несогласни со Законот за заштита на спомениците на културата.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.252/93).

Leave a Reply