90/1994-0-0

90/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на ставот 2 на членот 82 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, му е поднесена иницијатива од Унијата на автономни и независни синдикати на Македонија за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот, означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се повредувала уставната гаранција за плурализам во синдикалното организирање и се ограничувале правата на вработените да се организираат заради остварување на своите економски и социјални права.
3. На седницата Судот утврди дека со членот 82 од Законот е предвидено дека работодавецот е должен да создаде услови за активноста на синдикатот во врска со заштитата на правата на работниците од работниот однос, а со оспорениот став 2 на овој член е предвидено ако кај работодавецот се орбганизирани повеќе синдикати, обврските од став 1 на овој член се однесуваат само на мнозинскиот синдикат.
4. Со ставот 5 на членот 32 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Според член 37 од Уставот на Република Македонија заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации.
Според ставот 2 на овој член со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот не го определува обемот на остварувањето на правата од работниот однос, туку создава обврска за нивно законско регулирање, а заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор, работниците имаат право да основаат синдикати.
Според мислењето на Судот уставната гаранција за синдикалното организирање се однесува на правото на работниците да основаат синдикати, како најширок и најмасовен облик на организирање на работниците, заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор. Обврските, пак, на работодавецот во создавањето на условите за работа на синдикатот се уредуваат со закон. Во таа смисла законодавецот е слободен да ги утврди обврските на работодавецот во создавањето на условите за дејствување на синдикатот.
Според член 76 од Законот за работните односи заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор работниците имаат право да основаат синдикати. Работниците слободно се зачленуваат или пристапуваат во синдикатите. Работниците и работодавците имаат право без предходно одобрение да основаат организации по свој избор, под условите утврдени со статутот. Под организација се подразбира секоја организација на работниците и работодавците која има за цел унапредување и заштита на интересите на работниците и на работодавците.
Од наведените законски одредби, исто така, произлегува дека заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор работниците имаат право да основаат синдикати. При тоа, според мислењето на Судот, Законот за работните односи ги уредува и правата на синдикатот кој ги застапува интересите на работниците и за кој работодавецот е должен да создаде услови за негово делување. Во таа смисла Законот го уредил прашањето на тој начин што, ако кај работодавецот се организирани повеќе синдикати работодавецот е должен да создаде услови за активностите само на мнозинскиот синдикат, а тоа може да биде и автономниот синдикат, доколку оствари мнозинство на членството.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба не се ограничува правото на синдикално организирање на работниците, а обврските на работодавецот за обезбедување услови за синдикално дејствување се утврдуваат со Закон, Судот оцени дека нема основ да се постави прашањето за нејзината уставност.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.90/94).

Leave a Reply