146/1994-0-0

146/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на точката 5 од Програмата за поставување на времени објекти на подрачјето на Општината Демир Хисар, донесена од Собранието на Општина Демир Хисар на седницата од 16 јуни 1993 година.
2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената програма.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојковски Душан од Демир Хисар му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување законитоста на точката 5 од Програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувала времените објекти да се поставуваат на локалниот пат за село Мургашево, што не било во согласност со закон.
Воедно, со иницијативата се бара, до донесување на конечна одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената програма.
4. Судот на седницата утврди дека според точката 5 од Програмата петтиот локалитет се наоѓа во косина односно постои висинска разлика од 2 метри меѓу котата на тротоарот и провизорната сообраќајница (кај споредниот пат) паралелно со него. Исто така, предвидени се 8 локации за времени објекти од монтажно-демонтажен карактер односно киосци, со максимален габарит од 4х4 м., спратност – приземје.
Составен дел на Програмата е Планот со текстуалниот и графичкиот дел.
Во графичкиот дел, прикажан во размер од 1:200 м. означени се патот Битола-Кичево во широчина од 6,5м.; ивичњак по целата должина на патот со широчина од 0,5 м; зелен појас по целата должина на патот со широчина од 1м.; тротоарот по целата должина на патот со широчина од 2м. Потоа следат локациите на кои се проектирани времените објекти-киосци, кои се две по две лепенки поставени цик-цак.
Растојанието од тротоарот до најблиску поставениот киоск изнесува 1 м, а меѓу најдалеку поставениот киоск 2,5 м.
Од другата страна на монтажните објекти на растојание од 0,5 м. односно 1м., (во зависност од поставеноста на монтажниот објект на локацијата) се предвидува потпорен зид од 0,2 м, бидејќи теренот е во косина.
После потпорниот зид следи односно е означен тротоарот по целата должина на патот со широчина од 1м, а следи споредниот пат со широчина од 4,5м. Од другата страна на споредниот пат е означен тротоар со широчина од 1м.
Од графичкиот приказ се гледа дека теренот е во пад-нагиб кој почнува од главниот пат Битола-Кичево во правец кон споредниот пат и изнесува 2,10м.
5. Согласно член 14 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79 и 18/91), Републичкиот орган надлежен за имотно-правните работи може градежното земјиште на Републиката да го даде на времено користење.
Согласно оваа законска одредба, Владата на Република Македонија донела Уредба за условите и начинот на давање на градежното земјиште на времено користење (“Службен весник на СРМ” бр.26/91). Согласно член 2 од Уредбата, на времено користење може да се даде уредено и неуредено градежно земјиште (градежно земјиште).
Членот 3 од Уредбата предвидува градежното земјиште да се дава на физички и правни лица за времено користење за земјоделско производство, за поставување на времени објекти и задруги потреби.
Давањето на градежното земјиште на времено користење за кое постои интерес од повеќе физички или правни лица, согласно член 6 од Уредбата, се врши по пат на оглас во средствата за јавно информирање.
Во членот 34-б од Законот за изградба на инвестициони објекти, е предвидено дека за поставување на времени објекти, собранието на општината односно Собранието на град Скопје донесува програма, по претходна согласност од Републичкиот орган на управа надлежен за работите на урбанизмот.
Од наведените одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, врз основа на законското овластување, со свој акт (Уредбата), ги пропишала условите и начинот на користењето на градежното земјиште, при што определила дека времените објекти можат да се поставуваат на градежно земјиште и дека доколку постои интерес од повеќе физички или правни лица за доделување на земјиштето, тоа да се врши по пат на оглас преку средствата за јавно информирање.
Од наведените одредби, исто така, произлегува дека Законот го овластува собранието на општината, по претходна согласност на Републичкиот орган на управа надлежен за работите на урбанизмот, да донесе програма за поставување на времени објекти.
Во конкретниов случај, Собранието на Општина Демир Хисар со претходна согласност од министерството за урбанзам, градежништво, и заштита на животната средина – Скопје, ја донело оспорената Програма за поставување на времени објекти и распишало оглас за доделување на градежното земјиште.
Со оглед на тоа што при донесувањето на оспорената програма е запазена законски предвидената постапка, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот од овој аспект.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека монтажните објекти, според проектот, ќе се поставуваат на локалниот селски пат што води кон поранешното село, а сега приградска населба Мургашево, имајќи го предвид текстот на оспорената точка 5 од Програмата и графичкиот приказ на локалитетот бр.5, Судот утврди дека монтажните објекти се испланирани да бидат поставени на просторот меѓу тротоарите на главниот пат Битола-Кичево и споредниот пат во истата насока, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за законитоста на Програмата ниту од овој аспект.
6. Во врска со барањето Судот, до донесување конечна одлука, со времена мерка да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената Програма, оцени дека не се исполнети врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на република Македонија, па одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.146/94).

Leave a Reply