120/1994-0-0

120/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА став 4 на член 5 од Одлуката за условите, начинот и критериумите за доделување станови со кои располага Републиката наменети за решавање на станбените потреби на функционерите, раководните работници и работниците во републичките органи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/93).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.120/94 од 13 октомври 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од став 4 од член 5 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со членот 5 од Одлуката е предвидено при доделувањето станови на користење на функционерите, раководните работници и работниците ќе се води сметка особено за функцијата, односно работите и задачите што ги вршат и работниот придонес во решавањето на работите и работните задачи, станбените услови, должината на работниот стаж, нерешеното станбено прашање, бројот на членовите на семејното домаќинство, здравствената состојба, инвалидност и слично. Големината на станот може да изнесува до 20м2 по член на семејното домаќинство, по исклучок за едночлено семејство до 30м2, а за двочлено до 50м2, но не повеќе од 100м2 без оглед на членовите на семејното домаќинство. Според оспорениот став 4 од овој член, по исклучок, на функционер по негово барање може да му се додели поголем стан, при што ќе се води сметка за карактерот на функцијата односно за работите и задачите што тој ги врши и за другите позначајни околности што се од значење за вршењето на функцијата. Исто така, со оспорената одлука се уредени начинот и постапката за доделување станови на користење.

5. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, покрај другото, независно и од имотната и општествената положба.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука се доделуваат станови на користење врз кои со законито вселување се стекнува станарско право, според мислењето на Судот наведеното уставно начело ја обврзува Владата при уредувањето на односите односно при утврдувањето на условите за остварување на ова право тие услови да важат еднакво за сите, без оглед на нивната општествена положба, односно како за функционерите, така и за работниците, поради што оцени дека одредбата од став 4 на член 5 од Одлуката не е во согласност со наведеното уставно право.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply