134/1994-1-0

134/1994-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.70/92), на седницата одржана на 5 октомври и 7 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 120 од Законот за индустриската сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, адвокатот Славко Петров од Адвокатската канцеларија од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 120 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се ограничувало уставното право на адвокатите да обезбедуваат правна помош, што не било во согласност со член 53 од Уставот, според кој единствено адвокатите можеле да обезбедуваат правна помош, а не и други лица. Исто така со оспорениот член од Законот се создавала нееднаквост меѓу судиите и застапниците во постапката за заштита на индустриската сопственост, поради тоа што за нив не биле предвидени исти услови.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за индустриската сопственост се уредува стекнувањето и заштита на правата од индустриската сопственост.

Според член 96 од овој закон, тужба поради повреда на правата од индустриската сопственост може да поднесе подносителот на пријавата, носителот на правото, овластениот корисник на ознаката на потеклото на производот, како и стекнувачот на лиценца.

Во оспорениот член 120 од Законот е предвидено дека застапување на странките во постапката за заштита на индустриската сопственост можат да вршат физички и правни лица кои се запишани во регистарот на застапници што го води Заводот за заштита на индустриската сопственост, а во регистарот може да се запише физичко лице кое има завршено правен факултет или еден од техничките факултети и положен специјалистички испит од областа на индустриската сопственост, или посебен стручен испит од областа што се уредува со овој закон, положен во Заводот. Застапник може да биде правно лице кое има вработенко најмалку еднко лице со завршен правен или технички факултет кое ги исполнува претходните услови. Функционерот кој раководи со органоте на управата надлежен за работите на развојот донесува поблиски прописи за регистарот на застапниците и за содржината на стручниот испит.

4. Со член 37 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на научното, уметничкото и другите видови творештво. Се гарантираат правата што произлегуаат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата и го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој.

Од изнесеното произлегува дека со уставот посебно место му се дава на научното, уметничкото и другите видови на творештво, затоа што секое ново откритие претставува основен фактор за стопански развој, што е во интерес на општиот научен и технички развој и му припаѓа на целото човештво. Од тие причини е неопходна и посебна стручна заштита на индустриската сопственост.

Со член 53 од Уставот е предвидено дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со означената уставна одредба, според мислењето на Судот, се утврдува статусот и функцијата на адвокатурата како јавна служба што обезбедува правна помош, стручно и квалификувано.

За застапувањето при заштита на индустриската сопственост, како посебен вид на сопственост кој има големо значење не само за поединецот, туку за целата заедница, е потребна посебна стручност и познавање од областа на индустриската сопственост, со цел да се обезбеди уставната гаранција на правата што произлегуваат од научното творештво.

Според мислењето на Судот со оспорената законска одредба само се определуваат условите што треба да ги исполнуваат застапниците, а со тоа не се исклучува правото на адвокатите да обезбедуват правна помош во заштитата на индустриската сопственост.

Судот смета дека пропишувањето на посебни условиза заштита на индустриската сопственост заради обезбедување на стручност и квалификуваност не може да се смета за дискриминаторско, туку како гаранција за стручност и квалификуваност во заштитата на индустриската сопственост.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 120 од Законот со означените уставни одредби. Исто така, Судот оцени дека со предвидувањето на посебни услови за застапниците во постапката за заштита на индустриската сопственост не се создава нееднаквост меѓу судиите и застапниците, односно не се повредува член 9 од Уставот, затоа што овие лица не се наоѓаат во иста правна положба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply