128/1994-0-0

128/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за централното градско подрачје во град Куманово, донесена од Собранието на Општина Куманово на 25 септември 1989 година.

2. СЕ УКИНУВА забраната за извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.128/94 од 5 октомври 1994 година, по иницијативата од Тана Ташковска од Куманово, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што врз основа на известувањето на Собранието на Општина Куманово, Судот утврди дека Нацртот на деталниот урбанистички план не бил ставен на јавна расправа и дека нема согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот поради што се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со членовите 31, 32 и 33 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање. Со решението, Судот исто така, го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

4. Врз основа на информацијата по извршениот увди во документацијата на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна единица Куманово, што важеле во периодот кога е донесен оспорениот акт, Нацртот на планот бил изложен на јавен увид кој траел од 15 март до 15 април 1989 година и дека е одржана јавна расправа на 25 април 1989 година. Судот, исто така, утврди дека во време на донесувањето на оспорениот акт не се барала согласност, туку плановите задолжително се доставувале до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на мислење и оцена. Поради тоа, Судот утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба, па одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply