277/1993-0-0

277/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 ноември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 74 став 1 од Законот за кривичната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.26/86, 74/87, 57/89 и 3/90).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Драган Малиновски, адвокат од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на одредбата на член 74 став 1 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 12 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од Законот, ако обвинетиот се наоѓа во притвор, а е испитан, бранителот може со него да се допишува и да разговара.

5. Според член 12 став 1 од Уставот на Република Македонија слободата на човекот е неприкосновена. Според ставот 3 од овој член лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право и на бранител во полициската и судската постапка.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба на обвинетиот ако се наоѓа во притвор му се гарантира правото на бранител откако ќе биде испитан од страна на истражниот судија, а не уште во полициската и судската постапка, Судот оцени дека не е во согласност со член 12 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply