29/1994-1-0

29/1994-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за Стопанската комора на Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите на Комората на приватниот капитал на Македонија и Дочка Меновиќ од Скопје, со решение У.бр.29/94 од 16 март 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на членовите 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на членовите 20 и 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорените одредби на член 1 став 1 од Законот, во Стопанската комора на Македонија се зачленуваат претпријатијата, банките и другите финансиски организации, организациие за осигурување и другите правни лица со седиште во Републиката, кои вршат стопанска дејност (членови на Комората). Со ставот 2 на овој член се уредува дека земјоделските стопанства, дуќаните и другите субјекти кои вршат стопанска дејност, а немаат својство на правно лице, се зачленуваат во Комората преку своите форми на организирање, а според ставот 3 од овој член, задругите и другите форми на задружно организирање кои вршат стопанска дејност се зачленуваат во Комората, преку Задружениот сојуз на Македонија, односно преку другите форми на организирање. Понатаму, според ставот 4 на овој член, во Комората можат да се зачленуваат и научно-истражувачки и други организации, професионални и струни здруженија штои вршат општествена дејност и други правни лица кои со својата дејност придонесуваат за унапредувањето на работењето на стопанството, во согласност со Статутот на Комората.

Според член 2 од Законот, во Комората се зачленуваат и деловите на претпријатијата (продавници, претставништва, складишта и друго), како и деловите на банки и организации за осигурување на имоти и лица (филијали, експозитури и друго), кои имаат одредени права во прометот на стоки и услуги и кои се запишани во судскиот регистар, а седиштето на претпријатието, банката, организацијата за осигурување на имоти и лица и на друго правно лице во чиј состав се, е надвор од Републиката.

Со оспорената одредба на член 20 став 1 од Законот е уредено дека средствата за работа на Комората се обезбедуваат од придонесот што го плаќаат нејзините членови, од приходи од надомест за услуги и од други извори, во согласност со Статутот и другите општи акти на Комората.

4. Со член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот е утврдено дека слободата на пазарот и претприемништвото се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а според ставот 2 од овој член, граѓаните слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката, согласно став 2 од овој член, обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Според ставот 3 на овој член, пак, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби и општата концепција на Уставот во однос на законското уредување на економските односи, според мислењето на Судот, зачленувањето на стопанските субјекти во Стопанската комора на Македонија како јавно-правна установа е својствено за стопанисување во пазарни услови и е во функција на обезбедување на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот и сузбивање на монополското однесување. Според тоа, Судот оцени дека таквото зачленување не е во судир со уставно прокламираните принципи што се однесуваат на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, еднаквата правна положба на пазарот и слободата на здружување заради остварување и заштита, покрај другите, и на економските интереси, односно дека оспорените одредби на членовите 1 и 2 од Законот не се во несогласност со одредбите на членовите 20 и 55 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply