79/1994-0-0

79/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 90 од Законот за процесната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 36/80, 69/82, 58/84, 74/87, 57/89, 20/90, 27/90 и 35/91) и член 58 од Законот за општа управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.47/86 – пречистен текст).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Златко Пејовски, адвокат од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение, бидејќи давањето можност странката пред судовите и управните органи да ја застапува секое деловно способно лице ја загрозувало уставната положба на адвокатурата како и институтот правна помош.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорените одредби од законите, полномошник може да биде секое лице кое е наполно деловно способно, освен лица што се занимаваат со надриписарство.

4. Со членот 53 од Уставот, адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Оваа одредба е систематизирана во делот од Уставот каде се содржани гаранциите за основните слободи и права на граѓанинот. Со тоа се дефинирани и димензионирани општествената позиција и улогата како и значењето и функцијата на адвокатурата во правниот систем посебно во однос на заштитата на слободите и правата на граѓаните утврдени со Уставот и законите пред судовите, другите државни органи и другите органи, организации, служби и други правни лица.

Согласно член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се утврдуваат со закон.

Според член 4 од Законот за адвокатурата, правната помош се состои во давање на правни совети, составување на исправи за правни работи, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, други органи и други правни и физички лица, одбрана на обвинетите лица и вршење на други работи на правна помош во согласност со закон. Јавните овластувања се состојат во вршење на правни работи определени со посебен закон, под услови и на начин утврден со тој закон.

Според постојната законска регулатива, полномошник во парница е застапник на странката кој ја води парницата по нејзино овластување. Функцијата полномошник најчесто ја врши адвокат, но може да ја врши секое друго деловно способно лице. По исклучок, во парниците во кои станува збор за имот во општествена сопственост, полномошници можат да бидат само лица со положен правосуден испит, ако вредноста на предметот на спорот преминува одредена сума денари. Овластувањето за застапување се заснова со еднострана изјава во писмена форма или со изјава дадена усмено на записник кај судот. Со прифаќањето на овластувањето за застапување се заснова двоен однос.Првиот, таканаречен внатрешен, по својата природа е договорен однос според кој полномошникот е должен застапувањето да го врши совесно придржувајќи се на упатствата на странката. Полномошникот не одговара за успех во застапувањето, но одговара за штетата која ќе и ја направи на странката. Вториот, таканаречен надворешен однос, постои меѓу полномошникот и судот и се однесува на обемот на полномошното, неговото пренесување, престанување итн.. Обемот на полномошното секогаш го одредува странката. Таа може да го овласти полномошникот за сите работи (парнично полномошно) или само за некои работи. Овластување може да биде дадени и за дел од постапката или за едно рочиште. Парничното полномошно овластува за сите работи, но ако полномошникот не е адвокат, за најзначајните работи потребно му е изречно полномошно. Постоењето на уредно полномошно е процесна претпоставка која судот ја зема во обзир по службена должност во секој дел од постапката. Парничните дејствија кои ги презело лицето без овластување се неполноважни така да судот ќе ги укине доколку странката не ги одобри. Полномошник кој е адвокат може без посебно овластување од странката да го пренесе парничното полномошно на друг адвокат но со тоа неговиот однос спрема странката не престанува. Полномошното престанува да важи со завршувањето на парницата, со отповикување од страна на странката, со отказ од страна на полномошникот, со престанок на странката ако е правно лице или со смрт на полномошникот. Полномошното за поедини дејствија престанува и со смртта на странката.

Врз основа на уставното овластување, со закон е уредено дека странката сама го определува својот полномошник кој ќе ја застапува пред суд или пред управен орган и дека нејзинот право е да се определи дали полномошникот ќе биде адвокат или друго деловно способно лице. Исто така, странката го одредува и обемот на работите што ќе ги врши полнмошникот во нејзинко име и за нејзина сметка. Единствена забрана што ја поставил законодавецот е дека полнмошник не може да биде лице кое се занимава со надриписарство.

Врз основа на изнесеното Судот смета дека со оспорените одредби од законите не е загрозена уставната положба на адвокатурата, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со членот 53 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply