111/1994-0-0

111/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на ЈП “Електростопанство на Македонија” – Скопје со приклучување на трошилото на новиот потрошувач, односно на зголемување на приклучната моќност на постојните потрошувачи, донесена од Работничкиот совет на ЈП “Електростопанство на Македонија” на 29 септември 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Самоуправната интересна заедница за становање од Дебар и Стојан Костовски од Куманово му поднесоа иницијатива со која се бара поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што ЈП “Електростопанство на Македонија” без да има трошоци наплатува надоместок за приклучок на новите потрошувачи на електрична енергија, утврдувало и наплатувало различна висина за ангажирана моќност на електричната енергија во зависност од тоа дали е монофазен или трофазен приклучок, и што малостопанствениците односно корисниците на деловен простор се ставаат во нерамноправна положба во однос на старите корисници на деловен простор, што не било во согласност со законот.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се определува висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на ЈП “Електростопанство на Македонија” како испорачател на електрична енергија со приклучување на трошилата на новите потрошувачи, односно со зголемување на приклучната моќност на постојните потрошувачи.

Висината на надоместокот за приклучување на 1 кв еновремена моќност во дистрибутивната мрежа во зависност од местото на приклучување и неговото напонско ниво се определуваат: на ТЕ 110/ од 10, 20 или 35 кв 1260; на ТЕ 35/10 од 10 кв. 1260; на 10 кв 2069; на 0,4 кв. од ТЕ 10 (20)/40 4492 и на 0,4 кв. 7684.

Висината на надоместокот за приклучување на домаќинствата на дистрибутнивната мрежа се определува во зависност од категоријата на домаќинствата, едновремена моќност изразена во КВТ, местото на приклучување, т.е. напонско ниво и начинот на приклучување.

Понатаму, извршена е категоријата на: I потрошувачи на низок напон – домаќинства, II останати потрошувачи на низок напон и III потрошувачи на висок напон. Потрошувачите на низок напон домаќинства се категоризирани во три категории, а потрошувачите на низок напон – останати потрошувачи се делат на две категории, односно на потрошувачите со монофазен приклучок им се пресметува најмалку 2 кв. еднофазна ангажирана моќност, а на потрошувачите – приклучени на трофазен приклучок им се пресметува најмалку 4 кв. еднофазна ангажирана моќност.

На потрошувачите на висок напон во зависност од местото на приклучувањето надоместокот им се пресметува преку утврдена едновремена ангажирана моќност.

Висината на надоместокот за приклучување на потрошувачи на електродистрибутивната мрежа и постројки се утврдува во зависност од групата во која се наоѓа, ангажираната едновремена моќ помножена со цената утврдена во точката 2 од одлуката.

Со надоместокот опфатен е дел од трошоците кои новиот потрошувач ги предизвикува на јавното претпријатие од местото на приклучување, условен со електроенергетската согласност до 110 кв. напонско ниво и со истиот не се опфатени трошоците за изградба од местото на приклучување на потрошувачката.

Понатаму, во одлуката е утврдено што се подразбира под домаќинство во смисла на одредбите на одлуката, процентот на надоместокот за доградба и надградба како и случаите кога потрошувачите се ослободуваат од плаќање на надоместокот.

4. Според член 37 од Законот за енергетика (“Службен весник на СРМ” бр.41/87 и 42/88) односите меѓу испорачателот и корисникот на енергија се уредуваат во согласност со општите услови за испорака на соодветен вид енергија, тарифните системи за одделни видови енергија и со други општи акти на ОЗТ од областа на енергетиката и на СИЗ за енергетика на Македонија, во согласност со овој закон. Согласно член 38 став 1 од Законот со општите услови за испорака на соодветен вид енергија од енергетските системи и поблиску се определуваат условите и начинот на испорака и меѓусебните права, обврски и одговорности на испорачателот и корисникот, а особено, покрај другото, условите за издавање на енергетска согласност за приклучување на корисникот во енергетскиот систем или за зголемување на обемот на потрошувачката кај постојните корисници.

Во член 1 од Општите услови за испорака на електрична енергија, донесени од Собранието на СИЗ за енергетика на Македонија на 4 октомври 1984 година и на 14 октомври 1988 година (“Службен весник на СРМ” бр.38/84 и 50/88) е предвидено дека со Општите услови за испорака на електрична енергија се уредуваат условите и начинот на приклучување на електроенергетските објекти на новите потрошувачи и зголемување на потрошувачката односно на ангажираната моќност кај постојните потрошувачи, меѓу кои и условите, начинот и постапката за давање електроенергеска согласност за приклучување нови потрошувачи на електрична енергија или зголемување на приклучната моќност на трошилата на постојните потрошувачи. Во член 2 од Општите услови е определено испораката на електрична енергија од страна на испорачувачите на електрична енергија на корисниците на електрична енергија да се врши врз основа на договор за испорака или договор по пристапување.

Во член 18 од Општите услови е предвидено дека потрошувачите на низок напон, категоријата домаќинства, се приклучуваат на дистрибутивната мрежа на испорачувачот на електрична енергија по постапка на пристапување, при што испорачувачот и потрошувачот склучуваат писмен договор со кој се уредуваат и условите на приклучувањето, ако испорачувачот има технички, енергетски и економски можности.

Од изнесените одредби произлегува дека односот меѓу испорачателот и корисникот на електрична енергија се уредува со Општите услови за испорака на соодветен вид енергија, тарифниот систем на одделни видови енергија и со други акти на ОЗТ од областа на енергетиката во согласност со овој закон при што согласно член 18 од Општите услови потрошувачите на низок напон, категорија домаќинства се приклучуваат на електричната мрежа под услови утврдени во договорот.

Според тоа, во рамките на договорот за приклучување со кој се уредуваат условите за приклучување може да се утврди и висината на учеството на инвеститорот во трошоците што ги сноси електроенергетската организација во врска со приклучувањето односно зголемувањето на приклучната моќност.

Според тоа, Судот смета дека предвидувањата на надоместокот на трошоците за нови потрошувачи односно зголемувањето на ангажираната моќност е право на организацијата, затоа што со самото приклучување на нови потрошувачи или со зголемување на ангажираната моќност настануваат нови трошоци за претпријатието.

Во рамките, пак на ангажираната моќност исто така, претпријатието може да утврди и различен надоместок токму поаѓајќи дека се работи за појака и послаба ангажирана моќност односно дали се работи за монофазен или трофазен приклучок.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај од одлуката се утврдени трошоци за нови приклучоци и за зголемување на ангажираната моќност на електрична енергија во зависност од тоа дали се работи за монофазен или трофазен приклучок, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот и со Општите услови.

5. Во врска со наводот во иницијативата дека јавното претпријатие нема основа да наплатува за ангажирана моќност, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.33/93 и 32/94 ја отфрлил иницијативата за оценување законитоста на член 1 од Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија со образложение дека го оценувал член 1 и не повел постапка, затоа што со него се утврдува основниот придонес за пресметковна моќ за продажба на електрична енергија што се плаќа сразмерно на потрошената електрична енергија.

6. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата дека меѓу потрошувачите на електрична енергија корисниците на деловен простор се создава нееднаквост на оние кои склучиле договори пред донесувањето и по донесувањето на одлуката, Судот смета дека јавното претпријатие со договор и корисникот ги утврдуваат условите за приклучување и во зависност од направените трошоци ја утврдуваат висината на надоместокот. Доколку, пак, би предвидел дека одлуката ќе се применува и на корисници кои склучиле договор и пред донесувањето на одлуката тоа не би било во согласност со член 52 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply