112/1993-0-0

112/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 65 точка 12 од Правилникот за работни односи и дисциплинска одговорност на Градежното претпријатие “Маврово”-Скопје, донесен од Работничкиот совет на 17 април 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Драгиш Каранфиловски од Куманово за поведување постапка за оценување на одредбата од член 65 точка 12 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што како потеашка повреда на работната обврска за која може да се изрече мерката престанок на работниот однос предвидувала неоправдано отсуство од работа најмалку три работни дена со прекин во текот на 12 месеци, што не било во согласност со член 75 точка 3 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применуваше како републички пропис.

3. На седницата Судот утврди дека со влегувањето во сила на Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), престана да вачи Законот за основните права од работниот однос.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување законитоста на оспорената одредба со Законот кој престана да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за водење постапка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply