165/1994-0-0

165/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за избор на Претседател на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Горгија Атанасовски – Џорџ, преку адвокатот Бранко Гроздановски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста на законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не содржел одредби за судска заштита на законитоста на поединечните акти на надлежните органи на државната управа, со што се повредувала уставната гаранција на судска заштита утврдена со член 50 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за избор на претседател на Република Македонија се утврдени норми за распишување и одржување на изборите за претседател на Републиката, за предлагање и утврдување на кандидати, за утврдување на резултатите од изборот и за давањето изјава на веќе избраниот претседател. Во овој закон нема одредби за судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања во врска со повредата односнко заштитата на избирачкото право.

Според член 2 од Законот за избор на претседател на Република Македонија за изборот на претседател на Републиката соодветно се применуваат одредбите на законот со кој се утврдува постапката за избор на пратеници и одборници, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Одредби за заштита на избирачкото право, во кои е утврдена и постапката за судска заштита против решението на изборната комисија, се содржани во Законот за избор и отповикување на пратеници и одборници (“Службен весник на СРМ” бр.28/90), па според тоа, произлегува дека и при изборот на претседател на Републиката, за евентуални неправилности во постапката за избор, ќе се применуваат одредбите од Законот за избор на пратеници и одборници. Според член 72 од овој закон против решението на изборната комисија подносителот на приговорот има право на жалба. Против решението на општинската изборна комисија жалбта се поднесува до надлежниот општински суд од општа надлежност, а против решението на изборната комисија на изборна единица, односно на Републичката изборна комисија жалбата се поднесува до Врховниот суд на Македонија, во рок од 48 часа од приемот на решението. Надлежниот суд ќе донесе одлука по жалбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Од изнесеното произлегува дека е обезбедена судска заштита против поединечните акти на надлежните органи вклучени во изборната постапка, па и во постапката за избор на претседател на Републиката.

4. Во член 80 од Уставот на Република Македонија се утврдени начинот и условите за избор на претседател на Републиката. Во член 81 од Уставот е утврдена постапката за предлагање и избор на претседателот на Републиката, а со член 22 од Уставот е утврдено општо избирачко право на граѓаните со наполнети 18 години живот.

Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, во чии рамки, спаѓа и судската заштита на избирачкото право.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека против сите поединечни акти на органите на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања мора да се обезбеди судска заштита. Притоа, во Уставот не е уредено прашањето за тоа како и со колку закони ќе се уреди начинот на обезбедувањето на судска заштита, при што не е уредено и прашањето за начинот на обезбедување судска заштита на избирачкото право.

Според тоа, а согласно член 61 став 1 и член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт на Републиката цени дали прашањата за судска заштита на избирачкото право ќе го уреди со еден или со повеќе соодветни закони.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај е уредено прашањето за судска заштита на избирачкото право, односно е обезбедена судска заштита на избирачкото право и на кандидатите за претседател на Републиката, Судот смета дека не се повредува оваа уставна гаранција со тоа што ова прашање не е уредено со посебниот закон за избор на претседател на Републиката, туку истото е уредено со Законот за избор на пратеници и одборници.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply