51/1994-0-0

51/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ружиновски Милан од Скопје, Трбогазов Милан од Скопје, Митревски Леон од Струга и Гергоноски Петар од Струга, му поднесоа иницијативи за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите: а) Одлуката го уредувала начинот и постапката за исплата на пензиите што претставува законодавна материја, поради што била во несогласност со членовите 51 и 54 од Уставот; б) Одлуката имала повратно дејство затоа што е објавена на 26 мај 1992 година, а се однесува на правни односи кои настанале пред нејзиното влегување во сила, што не било во согласност со член 52 од Уставот; в) Одлуката не била во согласност со уставното начело на еднаквост затоа што ја презема исплатата само за воените пензионери кои ги оствариле своите права заклучно со 32 март 1992 година и кои имаат постојано живеалиште на територијата на Република Македонија, а не и за оние воени пензионери кои исто така до тој датум го оствариле правото на воена пензија, но немале постојано живеалиште во Република Македонија, односно кои се вратени во Републиката после тој датум. Одлуката не била во согласност со уставното начело на еднаквост и затоа што се однесувала само на пензионерите – бивши офицери на ЈНА, а не и на пензионерите кои порано работеле во другите сојузни органи и институции.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се уредуваат прашања во врска со висината и начинот на исплатата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои имаат постојано живеалиште во Република Македонија, постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници и обезбедувањето на финансиските средства. Според член 2 од Одлуката Република Македонија од 1 април 1992 година ја презема исплатата на пензиите и другите примања на корисниците кои права ги оствариле заклучно со 31 март 1992 година врз основа на прописите за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници и кои имаат постојано живеалиште на територијата на Република Македонија.

4. Судот констатира дека формалната основа за донесување на оспорената одлука е член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90), (со кој се уредуваат видовите на акти што може да ги донесува Владата), додека нејзината материјална основа е член 1 од Законот за мерките што можат да се преземаат заради спречување и отстранување на нарушувањата на тековите на општествената репродукција на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91), со кој е утврдено овластување на Владата да презема вакви мерки. Судот, исто така, констатира дека наведениот закон престанал да важи, но дека во времето на донесувањето на оспорената одлука, тој бил во сила. На донесувањето на оваа одлука временски му претходеше потпишување на Договорот помеѓу Претседателот на Република Македонија и заменикот на Сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ за решавање на односите меѓу Република Македонија и СФРЈ што ќе настанат по повлекувањето на ЈНА од територијата на Република Македонија (Договорот е потпишан на 21 февруари 1992 година, со чиј член 17 Република Македонија се обврзува да ги исплатува пензиите на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија.

Според мислењето на Судот, предмет на уредување на оспорената одлука се ситуации и односи кои настануваат како резултат на вонредни околности настанати со располагањето на СФРЈ односно со повлекувањето на ЈНА од територијата на Република Македонија, кои според оценката на Владата можат да доведат до нарушување на тековите на општествената репродукција. Судот смета дека во поширока смисла, без оглед што е наведено во нејзиното заглавие, непосредна материјална основа за донесување на оспорената одлука претставува член 4 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија. Според оваа одредба, Република Македонија, како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики, врз основа на договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, презема права и обврски настанати од создавањето на СФРЈ. Согласно на тоа, сосема неспорно е дека исплатата на пензиите на воените осигуреници кои и го оствариле правото на пензија како старешини во ЈНА, како дел од вооружените сили на СФРЈ, претставува обврска која има корен во создавањето и функционирањето на СФРЈ, поради што наведената одредба од Уставниот закон е непосредна основа за преземање на таквите обврски од страна на Републиката.

Во поглед на прашањето дали оспорената одлука мора да има основа и во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Судот наоѓа дека од пресудно значење е нејзината содржина. Имено, таа би морала да има основа во тој закон само ако уредува прашања поврзани со условите, начинот и постапката за стекнување на правата од пензиското и инвалидското осигурување. Одлуката воопшто не се впушта во уредувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување. Нив таа ги зема како факти кои настанале според прописите за пензиското и инвалидското осигурување, не навлегувајќи воопшто во начинот и условите за нивното стекнување. Единствено што уредува одлуката е утврдувањето на носителот на обврската за натамошна исплата на воените пензии како едно од овие права: наместо СФРЈ, кој, како правен субкет повеќе не постои, оваа обврска за воените осигуреници кои живеат на територијата на Република Македонија ја презема Република Македонија како правен наследник на СФРЈ. Поради тоа, ослуката не уредува ништо надвор и ништо повеќе од односите помеѓу СФРЈ и Република Македонија, и тоа на еден специјален план-исплата на пензиите на воените осигуреници. Во оваа смисла одлуката не уредува ништо што веќе е уредено со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, а уште помалку тоа да го уредува на поинаков начин во смисла на менување на условите и начините на постапката за стекнување на правата од пензиско и инвалидско осигурување.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одлука од аспект на прашањето дали уредува прашања што се од законодавна природа.

5. Согласно член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога е тоа поповолно за граѓаните.

Според мислењето на Судот, еден закон или друг пропис има повратно дејство тогаш кога неговите одредби кои се однесуваат на условите, начинот и постапката за стекнување на определени права или за наметнување на определени обврски, се применуваат и врз оние правни односи што настанале, односно што завршиле пред денот на влегувањето во сила на законот односно на другиот пропис.

Судот смета дека содржината на оспорената одлука упатува на тоа дека стекнувањето на правото на пензија и на другите права од пензиското и инвалидското осигурување на воените лица воопшто не е предмет на нејзиното уредување, туку само утврдувањето на натамошниот носител на обврската за исплата на пензиите. Според тоа, стекнатите права на пензија пред влегувањето во сила на одлуката се факти што таа ги затекнала во моментот на влегувањето во сила и кои воопшто не ги доведува во прашање, во смисла ниту да ги ревидира, ниту да пропишува нови услови за нивното стекнување. Поради тоа, таа нема никакво, па според тоа уште помалку, повратно дејство спрема стекнувањето на правото на пензија.

Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 52 став 4 од Уставот.

6. Според мислењето на Судот, оспорената одлука уредува односи настанати од една фактичка ситуација на распаѓање на една држава и има за цел да овозможи остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување на оние лица кои се нашле на територијата на Република Македонија, а чие остварување на тие права е оневозможено заради престанувањето на постоењето на носителот на соодветните обврски. При тоа, со одлуката се опфаќа определена широчина на популација на која таа се однесува: тоа се пензионери-воени лица кои до еден критичен момент (31 март 1992 година) се определиле да останат во Република Македонија и своите права да ги остваруваат на нејзината територија и на нејзина сметка. Сите оние што не изразиле таква желба преку остварување на територијата на Република Македонија, до тој датум претпоставка е дека немале интерес за оствараување на своите права во Република Македонија, како еден од правните наследници на престанатата држава, туку во друга држава – наследник. Според тоа, сите што се наоѓале во онаа фактичка ситуација дефинирана со одлуката (да го стекнале правото на пензија до определениот рок и да имаат постојано место на живеење во Република Македонија во тој миг) имаат еднаква правна положба во нејзината примена, а работата е на целесообразноста кој датум ќе се утврди како критично време кое ќе ја определи ширината на популацијата на која ќе се однесува одлуката.

Од тие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со уставното начело на еднаквост.

Исто така, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со начелото на еднаквоста заради тоа што се однесувала само на воените пензионери, а не и на пензионерите што работеле во другите нејзини органи и институции, од причина што е работа на правната политика дали определени односи ќе ги уреди или нема да ги уреди и дали ќе ги уреди со еден или со повеќе прописи.

Со други зборови уставното начело на еднаквоста не ја обврзува оспорената одлука паралелно со преземањето на обврската за исплата на пензиите на воените осигуреници, да го уреди и прашањето за начинот на исплата на пензиите на оние осигуреници кои работеле во другите сојузни органи и институции.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply