60/1994-0-0

60/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 121 од Статутарната одлука за измена и дополнување на Статутот на Акционерското друштво за изработка, поправка и промет на очни помагала “Очна оптика” Скопје, донесена од Собранието на Акционерското друштво на 27 февруари 1994 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата од Трајче Младеновски и група граѓани од Скопје, со решение У.бр.60/94 од 29 јуни 1994 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Статутарната одлука означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што не била во согласност со членовите 32 и 55 од Уставот и со членовите 178-а и 178-б од Законот за претпријатијата и член 3 од Законот за самостојно вршење на дејност со личен труд, во поглед на набројувањето на лицата, членови на потесното семејство, кои не смееле да основаат претпријатие од иста или слична дејност како Акционерското друштво.

Судот, исто така, со решение го запре извршувањето на актите и дејствијата што се донесени односно преземени врз основа на оспорената одредба од Статутарната одлука.

4. На седницата Судот утврди дека со Статутарната одлука се менува членот 121 став 1 од Статутот на Акционерското друштво, така што по зборовите “во Друштвото” се додаваат зборовите “и членовите на нивното потесно семејство (брачниот другар, децата и посвоениците, неговите родители и родителите на неговиот брачен другар)”.

5. Според член 3 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 178-а од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93), претпријатието во согласност со својот акт, го склучува договорот за условите под кои директорот, како и другите работници, додека се во работен однос, но најдолго две години по престанувањето на работниот однос во тоа претпријатие, не можат да основаат претпријатие кое со вршењето на дејноста би можело да му предизвика штета на претпријатието. Ако лицата од претходниот став постапат спротивно на условите определени со актот на претпријатието, претпријатието има право пред надлежниот суд да бара надомест на настанатата штета и право на поднесување тужба за бришење од судскиот регистар на дејноста чие вршење ја предизвикало штетата.

Според член 178-б од овој Закон, одредбите од член 178-а сообразно се применуваат и на основањето на дуќани ако е тоа определено со закон.

Со измените на овој Закон, се избришани членовите 185-а, 185-б и 185-в, во кои беше уредено дека директорот и другите работници како и нивниот брачен другар, децата, родителите и родителите на брачниот другар не можат да бидат основачи на претпријатие или на дуќан за обавување на иста или слична дејност за која е регистрирано претпријатието во кое работат.

Според член 3 од Законот за самостојно вршење дејност со личен труд (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/89, 46/89, 23/90 и 13/93), за вршење дејност со личен труд работниот човек основа дуќан, доколку со овој Закон не е поинаку определено. Дуќан може да основа и лице во работен однос и пензионер.

Од наведените законски одредби произлегува дека со закон е децидно пропишано дека директорот и другите работници, додека се во работен однос, а најдолго две години по престанувањето на работниот однос во тоа претпријатие не можат да основаат претпријатие кое со вршењето на дејноста би можело да му предизвика штета на претпријатието. Овие одредби сообразно се применуваат и на основањето на дуќани, ако е тоа определено со закон.

Со оспорената статутарна одлука, со која се вршат измени и дополнувања на членот 121 од Статутот на “Очна оптика” АД – Скопје, покрај директорот и работниците се наброени и членовите на нивното потесно семејство кои не можат да основаат претпријатие или дуќан кои со вршењето на дејноста би можеле да предизвикаат штета на претпријатието во кое се вработени. Од друга страна во Статутот е предвидено дека сите работници кои имаат намера да основаат свое претпријатие се должни да го известат Управниот одбор кој може да одобри работникот во акционерското друштво да може да основа претпријатие или дуќан со иста или слична дејност под услов да го раскине работниот однос во Друштвото. Тоа значи дека со Статутот на акционерското друштво не се забранува работникот во Друштвото да основа свое претпријатие, но како услов се поставува раскинувањето на работниот однос во Друштвото. Меѓутоа, со Статутарната одлука се набројуваат членовите на потесното семејство на работникот кои не можат да основаат претпријатие или дуќан, со иста или слична дејност како акционерското друштво, со што се пречекоруваат законските овластувања, поради што Судот оцени дека таа не е во согласност со член 178-а и член 178-б од Законот за претпријатијата.

Во наводите во иницијативата со кои се бара оценка на Статутарната одлука со член 32 и член 55 од Уставот, не се наведени причините за нејзината несогласност со овие членови, туку само се наведува дека со оспорената одлука се опфаќаат и лица кои не се споменати во Законот за претпријатијата. Од тие причини Судот ја оценуваше само законитоста на оспорената одлука. Дали, пак, е во согласност со наведените уставни одредби со закон да се вршат ограничувања на граѓаните во правото на самостојно вршење на дејност е прашање за оценка на уставноста на означените одредби од Законот за претпријатијата, кое со иницијативата не е оспорено.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply