130/1994-0-0

130/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 1,2,5 и 7 став 1, член 9 точка 1 и 2, член 10 став 1, член 11 став 1 и 2, член 12 став 1, член 13, член 14 точка 1, 2 и 6, член 15 став 1 точка 1, 2 и 3 и став 2 точка 1, 3 и 4, член 16 став 1 и 2, член 18 став 1, членовите 19, 20, 22 и 24 став 2, член 28 став 1, член 31 став 4, член 32 став 1, член 34 став 3, член 36 став 1, член 39, член 40 став 3, член 46 став 2, член 47, член 49 став 1, член 57 став 1 и 2, член 58 став 1, член 59 став 1 точка 1 и став 4, членовите 66, 67 и 68, член 69 став 1, член 70 став 1 и 3, член 71 и член 72 став 2, во деловите што се однесуваат на утврдените институти и употребените термини

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Тодор Петров, пратеник во Собранието на Република Македонија, со решение У.бр.130/94 од 14 септември 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на повеќе одредби од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за избор и отповикување на пратеници и одборници се уредуваат прашањата што се однесуваат на распишувањето и одржувањето на изборите, органи за спроведување на изборите и отповикувањето, изборни единици, предлагање и утврдување на кандидати за претставници, претставување на кандидатите, спроведување на изборите, престанување на мандатот, повторни и дополнителни избори, отповикување, средства за спроведување на изборите и отповикувањето, заштита на изборното право и казнени, преодни и завршни одреби.

Во оспорените одредби на Законот, се уредува институтот “отповик”, се користи терминот “социјалистичка” за да се определи карактерот на државата, се користат термините “облици на политичко организирање и дејствување на граѓаните” како и термините “и други форми на организирање и здружување” и терминот “динари”, а во истиот закон се уредуваат и прашањата за избор и отповик, покрај, на пратениците во Собранието на Републиката, и за одборниците во собранијата на општините и градската заедница.

Според член 4 од Законот, неспоива е функцијата пратеник, односно одборник со функциите во органите на Републиката, на општината или на градската заедница, определени со закон.

5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а според ставот 2 од овој член, суверентитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Со член 62 став 1 од Уставот се утврдува дека Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници, според ставот 2, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, според ставот 3, пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување, според ставот 4, пратеникот не може да биде отповикан и според ставот 5 од овој член на Уставот, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 114 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, според ставот 2, единиците на локалната самоуправа се општините, а според ставот 5 од овој член на Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со член 117 став 1 од Уставот се уредува дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи предвид дека со оспорените одредби се утврдува и разработува институот отповикување, се употребуваат термините: “социјалистичка”, “динари” и се уредени прашањата за избор на одборници на собранијата на општините и на собранието на градската заедница, Судот оцени дека деловите од тие одредби не се во согласност со одредбите на членовите 1, 62, 114 и 117 од Уставот.

Според член 20 став 2 од Уставот, граѓаните слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Тргнувајќи од тоа дека уставот слободата на здружување на граѓаните ја институционализира преку здруженија на граѓани и политички партии и ги употребува тие термини, а имајќи предвид дека со оспорените одредби се употребуваат терминие: “други форми на организирање и здружување”, односно “облици на политичко организирање и дејствуваање на граѓаните”, Судот оцени дека оспорените одредби во делот на употребата на тие термини не се во согласнкост со одредбата на член 20 став 2 од Уставот.

Според член 63 став 5 од Уставот, со закон се утврдува неспоивоста и неизберливоста на функцијата пратеник на Собранието со вршење на други јавни функции или професии.

Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба, а имајќи предвид дека со оспорениот член 4 од Законот, покрај тоа што се определува неспоивоста на одборничката функција, се уредува неспоивост на функцијата пратеник само со функции во органите на Републиката, Судот оцени дека таа одредба не е во согласност со член 63 став 5 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оаа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply