216/1991-0-0

216/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 7 и 27 точка 2 од Статутот на Водостопанската работна организација “Струмички слив” во Струмица, донесен на 16 февруари 1990 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означената организација на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.216/91 од 17 јуни 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на членовите 7 и 27 точка 2 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека во член 1 од Статутот е предвидено означеното претпријатие да се организира како општествено претпријатие, а во членот 7 се утврдени дејностите на претпријатието и тоа искористување и употреба на вода, заштита од штетно дејство на водите, заштита од загадување, производство на песок, чакал и камен, како и други дејности поврзани со вршењето на овие дејности. Во член 27 од Статутот е предвидено Работничкиот совет да го сочинуваат делегати само од редот на работниците во организацијата.

Судот, исто така, утврди дека Статутот се применува .

5. Во Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр.8/81, 13/82, 37/87, 20/90, 23/0 и 24/91) е уредено прашањето за користење на водите и за организација на претпријатијата што вршат дејности од оваа област, како и влијанието на општествената заедница во вршењето на овие дејности, па според тоа овој закон како леџ специјалес мора да се применува при организирањето и работата на овие претпријатија. Така, според член 7 од Законот во областа на водостопанството од посебен општествен интерес се следните дејности: заштита и одбрана на штетни дејства на водите, заштита на коритата на водите од загадување, обезбедување вода за водоснабдување, наводнување и одводнување на земјоделски и други земјишта од ерозија и уредувањето на порои, организирањето и насочувањето на експлоатација на песок, чакал, камен од природните водотоци и езера и др. Според член 161 став 1 од овој закон во одлучувањето за работите од посебен општествен интерес што го вршат водостопанските организации, учествуваат и претставници на општествената заедница, а според ставот 2 од овој член со статутот на организацијата се определуваат заинтересираните органи, организации и заедници што именуваат односно делегираат свои претставници.

Според член 162 од Законот, Собранието на Република Македонија дава согласност на одредбите на статутот и на другите општи акти што се од значење за остварување на посебниот општествен интерес во водостопанските организации.

Од означените законски одредби произлегува дека во одлучувањето за работите од посебен општествен интерес што ги вршат водостопанските организации мора да учествуваат и претставници на општествената заедница и дека Собранието на Република Македонија дава согласност на одредбите од статутот што се однесуваат на остварувањето на посебниот општествен интерес.

Со оглед на тоа што во член 7 од Статутот се предвидени дејностите на претпријатието што со Законот се утврдени како дејности од посебен општествен интерес, а на него не е дадена согласност од Собранието на Република Македонија, како и со оглед на тоа што во член 27 став 2 е предвидено членовите на работничкиот совет избрани од работниците да одлучуваат за прашањето од посебен општествен интерес, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе мнозинствено во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply