213/1993-0-0

213/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) Статутот и Програмата на Политичката партија “Странка на Југословените во Република Македонија” усвоени на 26 мај 1990 година;

б) Статутот и Програмата на Сојузот на комунистите на Македонија – движење за Југославија, усвоени на 16 април 1992 година; и

в) Програмската декларација на Странката на демократската акција на Македонија, донесена на 19 февруари 1992 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на програмските и статутарните акти наведени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Статутот на Програмата на Странката на Југословените во Македонија не биле во согласност со Уставот на Република Македонија затоа што од нив произлегува дека оваа партија се залага за политичка борба за интегрирање во модерна Југославија, за југословенство, социјализам, федерализам, единствениот и југословенски карактер на ЈНА, југословенска федерација врз АВНОЈ-ски принипи, единствена примена на уствот и Законот за СФРЈ со сите нејзини делови како и залагање за афирмација на југословенството во останатите сфери на живеење.

Статутот на Сојузот на комунистите на Македонија – движење за Југославија не бил во согласност со уставот затоа што од него произлегува определбата на Партијата за југословенската идеја и уверувањето дека Југославија како нова и демократска асоцијација на сите југословенски народи и како идна заедница на нивните суверени држави е најоптималната опција за идниот економски просперитет, националната афирмација и општиот културен напредок на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија. Со тоа, СКМ – ДЈ не ја почитува и следи новата политичко-правна констелација на просторите на некогашна Југославија.

Член 5 од Програмската декларација на Странката за демократска акција не била во согласност со Уставот затоа што предвидувала залагање муслиманите да претставуваат конститутивен и рамноправен елемент на суверена Република Македонија и за уважување на нивната самобитност со сите правни и политички консеквенции. Со тоа, според наводите од предлогот, се доведува во прашање уставниот концепт на Република Македонија како суверена држава чија сувереност произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните односно со тоа се истакнува барање за федерализација на Републиката.

3. На седницата Судот утврди дека:

а) врз основа на Одлуката на Второто Собрание на Странката на Југословените во Македонија, одржана на 6 јуни 1993 година на кое е извршена измена односно дополнување на името во “Странка на Југословените во Македонија – Југословенска Унионистичка Граѓанска Алијанса” (скратено СЈМ-ЈУГА) е усвоен нов Статут, а дотогашната Програма и Статут на СЈМ се прогласени за неважечки.

Разгледувајќи го новиот Статут на Странката Судот утврди дека во првите 6 членови од него се дадени програмските определби на странката. Според нив, СЈ-ЈУГА делува јавно. СЈ-ЈУГА се залага за заедништво на граѓаните и народите од југословенскиот простор, тргнувајѓи од нивните судбински интереси за опстанок, мирно сожиеење и прогрес, кои произлегуваат од позитивното историско минато испреплетеноста, сличноста или идентичноста на јазицитге, традициите, културните, семејните и други врски и севкупните настојувања тие да се унапредуваат во амбиенти на разбирање, толеранција, соработка и договарање во сите сфери од животот. СЈ-ЈУГА ќе се залага за постапно и трајно создавање на политичка заедница на републиките од југословенскиот простор, во која членовите ќе бидат конституирани врз нормите на парламентарната демократија и гарантирани човекови природни и граѓански права и слободи, а заедницата ќе подразбира: граѓанска а не национално или верски наметната сувереност на републиките и меѓусебно признавање; принцип една република еден глас и одлучување со консензус; мултикултурен амбиент и спроведување на правата на малцинствата, етничките групи и верски заедници како и локалната самоуправа во согласност со меѓународните документи; слобода на движење на луѓе, стока, технологија, капитал, идеи и информации; пазарно стопаснство со поттикнување на приватната иницијатива; активна социјална политика; заеднички или единствени политички, економски, научни, културни, спортски и други институции за кои републиките ќе се договорат; обезбедување и чување на здрава природна средина; демилитаризација на југословенскиот простор.

Во Република Македонија СЈ-ЈУГА особено ќе се залага за отворање на процеси за: подобрување на довербата и отклонување на сите меѓусебни недоразбирања и сомневања помеѓу републиките, народите и верските заедници од југословенскиот простор; отстранување на причините на националните и верските омрази и спротивставувања; укинување на политички, стопански, административни и други бариери, со што патот кон меѓусебната соработка меѓу членките на југословенската заедница ќе се оствари на нови и трајни основи.

СЈ-ЈУГА со демократски средства ќе се противставува на сите видови национализми, дискриминации, експлоатации и неправди, а особеноо на нивните политички злоупотреби.

СЈ-ЈУГА ќе соработува со здруженија, асоцијации и политички организации чии определби се блиски на нејзините, а со цел да се забрза процесот на реинтегрирањето на југословенската заедница.

Останатите одредби од Статутот содржат организациони норми од кои произлегува дека странката е самостоен политички субјект кој делува на територијата на Република Македонија и се утврдени органите на странката.

б) Во писмото со кое е доставен оспорениот статут, Сојузот на комунистите на Македонија – движење за Југославија, го запозна судот дека програмските политички цели и задачи на Партијата се содржани во членовите 10, 11 и 12 од Статутот.

Разгледувајќи го Статутот Судот утврди дека според неговите членови 10, 11 и 12 СКМ-ДЈ има за цел: да се бори за Република Македонија како самостојна и меѓународно призната држава, демократска заедница на рамноправни граѓани, хумана и солидарно-општество на слободни луѓе; во македонското општество да воспостави демократски социјализам – праведно општество, со социјални, економски и политички права и слободи, правна држава со економски односи засновани на разновидни облици на сопственост и политички плурализам што е претпоставка за успешен економски и културен развој; да ја оствари волјата на граѓаните на Република Македонија, слободно изразена на Референдумот од 8 септември 1991 година; да развива стопанска и друга дејност согласно закон.

Партијата од своите членови бара да се борат за остварување на основните политички цели и задачи, утврдени со Статутот и со другите основни политички документи, политичка платформа и резолуции. Во настојувањата да се остварат основните политички цели и задачи, членовите, организациите и органите се обврзани да поаѓаат од Уставот и законите на Република Македонија, а особено од определбите дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, и дека пред Уставот и законите се еднакви, да се борат за слобода на уверувањето, совеста, мислењата и јавното изразување на мислата и вероисповедта, слободата на говорот и јавниот настап, слобода на политичкото организирање и мирно изразување на јавен протест.

Дејствувањето на членовите, организациите и органите на Партијата не смее да биде насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост.

Со останатите одредби од Статутот се утврдува организацијата и начинот на дејствување на Партијата. Од нив произлегува дека таа е самостоен политички субјект кој политички дејствува на територијата на Република Македонија. Со членовите 33 и 36 е определено дека СКЈ – Движење за Југославија соработува и се здржува со прогресивни партии и движења во земјата и надвор од неа, а особено со оние кои за своја цел го имаат продолжувањето на заедничкиот соживот со сите југословенски народи во асоцијалција како демократска заедница на рамноправни народи и на нивните суверени држави.

в) Со член 5 од Програмската декларација на СДА е утврдено дека, соочени со игнорирање на националната пособност на Муслиманите и на таа основа нивното присвојување, отфрлувајќи ги овие претензии како спротивни не само на историските факти, туку и на јасно изразената волја на овој народ, Муслиманите претставуваат конститутивен и рамноправен елемент на суверена Република Македонија кои имаат свое историско име, своја историја, своја вера, свои поети и писатели, со еден збор свое минато и своја иднина. СДА на Македонија, поради тоа ќе ја оживува оваа национална свест на Муслиманите и ќе инсистира на уважување на фактот на нивната национална самобитност со сите правни и политички консеквенции.

Понатаму, Судот утврди дека од времето на поднесувањето на предлогот за поведување постапка за оценување уставноста на Програмската декларација на Странката за демократска акција, оваа политичка партија се поделила на два дела: Странка на демократска акција на Македонија, на чело со претседателот Садрија хаановиќ и Странка на демократска акција на чело со претседателот Авдија Пепиќ. И двете нови партии извршиле измени во поранешната заедничка програмска декларација. Така, во Програмската декларација на партијата раководена од Садрија Хасановиќ наместо формулацијата “муслиманите претставуваат конститутивен и рамноправен елемент на Република Македонија”, стои формулацијата “муслиманите претставуваат рамноправен субјект со останатите националности во Република Македонија.

Понатаму, во Програмската декларација на партијата раководена од Авдија Пепиќ, наместо навеадената формулација од поранешната програмска декларација, стои формулацијата: “муслиманите односно Бошњаците на територијата на Република Македонија ќе се залагаат за остварување на еднаквите права и слободи на граѓаните на Република Македонија, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба”.

4. Според мислењето на Судот, според член 20 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради оствараување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Наведената уставна одредба на посебен начин истовремено гарантира, но и ограничува една од групата слободи и права поврзани со остварувањето на човекот како политичко суштество. Иако начелно ја гарантира, на оваа слобода Уставот не и дава карактер на апсолутна вредност, туку само во рамките во кои со нејзиното користење не се загрозува истата таа слобода на другите луѓе и основните општествени вредности утврдени со уставот. Според Уставот оваа слобода не може да се користи тогаш кога нејзиното остварување ги загрозува најопштите материјални правни вредности: мирот, ненасилството, националната, расната и верската толеранција. Според мислењето на Судот Уставот е отворен за секаков вид на политичка борба на политичките субјекти без никакво ограничување, па и преку залагање за промена на постојните уставни институции и односи, освен во оние случаи кога таа борба се врши на насилен пат односно кога ги загрозува наведените темелни општествени вредности.

Со оглед на тоа што од содржината на програмските ориентации на партиите чии акти се оспорени не произлегува дека нивните цели ќе се остваруваат по насилен пат или со повикување на воена агресија, односно на начин кој непосредно е забранет со наведените уставни одредби (член 20), односно дека од нив произлегуваат залагања чии крајни цели (државното здружување од било кој вид со другите југолсовенски народи, истакнување на барање на еднаквост на припадниците на определени националности со припадниците на другите националности) не се во несогласност со Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека нема основи за поставување на прашањето за уставноста на оспорените акти.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply