46/1994-0-0

46/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Меѓународната банка за обнова и развој (заем за економска обнова) (“Службен весник на Република Македонија – Меѓународни договори” бр.6/94) и

б) Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Меѓународното здружение за развој (кредит за економска обнова) (“Службен весник на Република Македонија – Меѓународни договори” бр.6/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија независниот пратеник Тодор Петров му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените закони се прифаќала формулацијата “поранешна југословенска Република Македонија”, што не било во согласнкост со сите уставни одредби со кои државата се означува со нејзиното име Република Македонија. Оспорените закони не биле во согласност и со Законот за склучување и извршување на меѓународните договори (“Службен лист на СФРЈ” бр.5/78) и со Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), затоа што не била почитувана постапката за склучување на договорите.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорените закони се ратификуваат наведените договори како составен дел на соодветните закони. Во Преамбулата на двата договори стои дека договорот за заем се склучува меѓу поранешната југословенска Република Македонија како заемопримач и меѓународната банка за обнова и развој односно Меѓународното здружение за развој како заемодавач. Притоа, определено е дека описот “поранешна југословенска Република Македонија” ќе се користи привремено од страна на Банката односно од страна на Здружението додека не се договори име со Банката односно со Здружението.

4. Заедно со Преамбулата, уставот на Република Македонија содржи околу 90 одредби во кои го содржи називот Република Македонија.

Согласно член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласнкост со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Според член 119 став 1 меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија, а според став 2 меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон. Според член 68 алинеја 6 од Уставот Собранието на Република Македонија ратификува меѓународни договори.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Република Македонија е име на државата во рамките на чиј правен поредок Уставот зазема највисоко место во хиерархијата на правните акти. Поради тоа, Уставот материјално ги обврзува сите правни акти во правниот поредок да го употребуваат името Република Македонија.

Понатаму, од наведените уставни одредби произлегува дека меѓународни договори може да склучува и Владата и дека постои уставна обврска за Собранието да ги ратификува склучените договори, како услов тие да станат дел од внатрешниот правен поредок. Понатаму, во поглед на односот помеѓу законот (вклучувајќи го и законот за ратификација) како акт на внатрешниот поредок и меѓународниот договор како акт на меѓународното право, во Уставот е утврдено начелно според кое склучените договори не смеат да се менуваат со закони.

Судот констатира дека оспорените закони во својот назив и во својот текст го употребуваат името Република Македонија утврдено во Уставот, додека називот “поранешна југословенска Република Македонија” го содржат договорите што се предмет на ратификација и тоа како привремен назив што го употребуваат само Меѓународната банка за обнова и развој и Меѓународното здружение за развој во своите односи со Република Македонија.

Поради тоа, Судот смета дека оспорен ите закони го употребуваат името на државата, а привремениот назив што го употребува странскиот субјект го сметаат само за негова работа, и не го смета за елемент што заедно со договорот влегува во внатрешниот правен поредок, дотолку повеќе што и самиот странски субјект изречно изразува волја во договорите тој назив да го упоребува само тој и само привремено и дека поради тоа не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените закони со Уставот на Република Македонија.

5. Во поглед на наводите од иницијативата за несогласноста на оспорените закони со други закони, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply