13/1994-0-0

13/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на приемот во доброволно пензиско и инвалидско осигурување, определување основици на осигурување и пресметување и наплатување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, донесена од Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на 15 декември 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Манчо Манчев од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и тоа како поранешниот така иновиот закон, поради тоа што со неа било предвидено ако не се плати придонесот благовремено времето поминато во доброволно осигурување да не се смета во стаж на осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорената одлука е превидено доколку осигуреникот не го плати придонесот во предвидениот рок, времето поминато во доброволно осигурување да не му се смета во стаж на осигурување, од што според она што го утврди Судот произлегуа дека во стаж на осигурување не се смета времето за коке не е платен придонесот, а не и времето за кое е платен придонесот.

Понатаму, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на Законот за пезисккото и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.18/83, 4/87, 4/89, 36/91 и 45/92) кој престана да важи со донесувањето на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), во кој доброволно осигурување е предвидено како посебен вид на пензиско и инвалидско осигурување кое можат да го користат сите лица кои не се опфатени со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, врз основа на посебни вложувања, за себе и за членовите на своето семејство, со што се обезбедува право на пензија и тоа под услови и начин утврдени со општ акт на фондот. Од изнесеното произлегува дека со новиот Закон можноста за доброволно осигурување не е даена само на земјоделците како што беше предвидено со претходниот закон, туку на сите лица кои не се опфатени со задолжителното осигурување. Исто така, од оваа одредба произлегува дека Фондот е надлежен да ги утврди со свој акт начинот и условите за остварување на право на пензија стекнато врз основа на доброволното осигурување.

Со оглед на тоа што доброволното осигурување на земјоделците предвидено во оспорената одлука со новиот закон веќе не е предвидено, туку е предвиден посебен нов институт на доброволно осигурување кој се разликува од претходниот, Судот утврди дека оспорената одлука по силата на законот преќутно престанала да важи од 1 јануари 1994 година, кога почна да се применува Законот. Поради тоа согласно член 28 алинеја 3 и член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, затоа што истата е поднесена по престанокот на важењето на оспорената одлука, односно на 14 јануари 1994 година.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply