83/1994-0-0

83/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 септември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување поблиски услови за градба на објекти на подрачјето на Општина Гостивар, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 29 декември 1993 година.

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука и со времена мерка ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање.

5. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се утврдуваат поблиските услови за градба, начинот и постапката за нивното применување на објектите предвидени со деталните урбанистички планови на подрачјето на Општина Гостивар. Овие услови ги регулираат прашањата во врска со утврдувањето на максималните димензии на габаритот на објектот и условите за растојание помеѓу објектите, доградбата и надградбата на објектите, пренамената на дел од објектот, нивелационата кота и градежната линија.

6. Согласно член 45 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/90) собранијата на општините, органите на управата и другите надлечни органи ќе ги усогласат просторните и урбанистичките планови и постапката за нивното донесување во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Согласно член 46 од Законот до усогласувањето на просторните и урбанистичките планови, собранието на општината може со општ акт да ги утврди поблиските услови за градба особено во поглед на доградбата и надградбата на објектите, максималните димензии на габаритот на објектот, пренамената на дел од објектот и други подетални услови за градба.

Согласно член 122 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90), Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, меѓу другото, ги врши работите што се однесуваат на просторното и урбанистичкото планирање: градежништвото, сообраќајот и врските; станбено-комуналните работи; заштитата и унапредувањето на човековата околина доколку не се во надлежност на други републички органи на управата.

Од наведените одредби произлегува дека Законот ги задолжува собранијата на општините, во рок од една година од донесувањето на овој закон, да ги усогласат урбанистичките планови и постапката за нивното донесување, за во интервалот до нивното усогласување ги овластува да донесуваат општи акти со кои ќе ги утврдуваат поблиските услови за градба на објекти на нивните подрачја.

Со оглед на тоа што Законот влезе во сила на 27 ноември 1990 година, урбанистичките планови и постапката за нивното донесување требаше да бидат усогласени заклучно со 27 ноември 1991 година, што значи дека по истекот на овој рок престана овластувањето на собранието на општината да донесува општи акти од овој вид на ова овластување премина во надлежност на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

Тоа што Собранието на Општина Гостивар се уште не ги усогласило урбанистичките планови со одредбите од Законот, според оценката на Судот не му дава право и понатаму, со општ акт да ги утврдува поблиските услови за градба на објекти на подрачјето на Општината, од причина што неговото овластување за донесувањето на овој вид одлуки престана на 27 ноември 1991 година.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека законскиот основ за донесување на оспорената одлука престанал да постои односно дека таа е донесена од ненадлежен орган, поради што утврди дека е несогласна со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

7. Со оглед на тоа што ја укина одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, Судот ја укина и времената мерка за забрана на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply