22/1993-0-0

22/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста и законитоста на членот 48 став 2 од Статутот на Акционерското друштво во мешовита сопственост “Макпромет” во Штип, донесен од Собранието на Друштвото на 15 јануари 1992 година, и

б) законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Правилникот за организација на работењето и систематизација на работните места, донесена од Управниот одбор на означеното друштво на 14 декември 1992 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување согласноста со колективните договори на:

а) членовите 4, 8 и 9 од Правилникот за аналитичко вреднување на работните задачи, донесен од Управниот одбор на означеното друштво на 3 јуни 1992 година, и

б) членовите 44 до 46 од Правилникот за работни односи и дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на означеното друштво на 19 јануари 1993 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Драган Глигоров од Штип за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што предвидувањето во Статутот членовите на Управниот одбор на друштвото да се бираат на предлог на директорот во ситуација кога Управниот одбор е овластен да го именува директорот, не било во согласност со Уставот и со закон, што определувањето во Одлуката само на потребниот стпен стручна подготовка за обавување на работните задачи – одговорен продавач а не и видот на стручната подготовка не бил во согласност со закон и со оспорените одредби од правилниците не биле во согласност со одредбите од Општиот и гранскиот колективен договор.

4. На седницата Судот утврди дека во член 48 став 2 од Статутот на Претпријатието се определува членовите на Управниот одбор да се избираат на предлог од директорот, а во член 51 став 1 алинеја 1 од Статутот се утврдува Управниот одбор да го именува и разрешува директорот.

Со одредбите од Законот за претпријатијата не е уредена постапката за именување членови на Управниот одбор, ниту кој ги предлага нив. Понатаму, со одредбите од Законот, што се однесуваат на директорот на претпријатие со мешовита сопственост, не се пропишува ограничување во смисла тој да не предлага членови на управниот одбор. Исто така, Законот не пропишува временски период после кој исто лице не може повеќе да биде директор во исто или друго претпријатие.

Од друга страна, според член 8 став 2 од Уставот на Република Македонија слободно е се што не е забрането со Уставот и со закон.

Поради тоа, предвидувањето во Статутот директорот да ги предлага членовите на управниот одбор во ситација кога тој орган го именува и разрешува директорот, не е во несогласност со означената уставна одредба и со одредбите од Законот за претпријатијата.

5. Исто така, Судот утврди дека со оспорената одлука, за работно место – одговорен продавач, се определува само степенот на потребната стручна подготовка без да е определен и видот на стручната подготовка.

Со член 7 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) се пропишува дека посебните услови за засновање на работен однос и вршење на одредени работни задачи се утврдуваат со акт на работодавецот. Поради тоа, непредвидувањето во оспорената одлука вид на стручна подготовка за обавување на работнтие задачи – овластен продавач не е во несогласност со означена законска одредба.

6. Што се однесува до иницијативата за поведување постапка за оценување согласноста на означените правилници со колективните договори, Судот утврди, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, дека не е надлежен да одлучува по неа.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply