53/1993-0-0

53/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за донесување на план за реализација на централното градско подра~је во Битола и Заклучокот за усвојување на измените и дополнувањата на Одлуката за донесување на план за реализација на централното градско подрачје Битола, донесени од Собранието на Општина Битола на 29 декември 1992 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативите од Пенка Матовска, Илија Јанчевски и Владо и Еленица Петковски од Битола, со решение У.бр.53/93 и 64/93 од 9 март 1994 година, поведе постапка за оценување законитоста на актите озна~ени во точката 1 од оваа одлука, затоа што по усвојувањето на измените и дополнувањата на Одлуката, во Деталниот урбанистички план за централното подрачје – И дел Битола, во графичкиот прилог за деловни и помошни објекти дополнително биле вцртани објекти кои носат бр.26 и претставуваат дуќани со вкупен габарит 20,0м х 15,0м на просторот помеѓу улицата “Иван Милутиновиќ” и улицата “Свети Наум”, а оспорениот заклучок не бил донесен во постапка предвидена со закон, бидејќи по усвојувањето на Одлуката за донесување на Планот, на истата седница Собранието го донело оспорениот заклучок, со кој од Деталниот урбанистички план биле изземени индивидуалните станбени згради на улицата “Димитар Влахов” бр.72 и на улицата “Таки Даскалот” бр.9.

4. На седницата Судот утврди дека Собранието на Општина Битола во 1983 година донело Детален урбанистички план за централното градско подрачје. Во планот за озеленување како составен дел на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје просторот помеѓу улиците “Иван Милутиновиќ’ и “Свети Наум” КП.3149 бил определен како градско зеленило.

Во 1992 година изготвен е Детален урбанистички план за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје – И дел, кој бил даден на јавна расправа. Меѓутоа, во трите графички прилози – составен дел на планот, кои биле на јавна расправа, спорниот простор бил прикажан како слободен. На јавната расправа за овој дел од планот немало забелешки.

Собранието на Општина Битола на 29 декември 1992 година, по завршената јавна расправа, донело одлука за измени и дополнувања на Одлуката за донесување на план за реализација на централното градско подрачје (“Службен гласник” бр.8/93). во текстуалниот и графичкиот дел – помошни и деловни објекти, на просторот помеѓу улиците “Иван Милутиновиќ” и “Свети Наум” се предвидени деловни објекти. Притоа, во точка 2 од заклучокот, со кој е усвоена оваа одлука, се изземаат од урбанистичкиот план објектите на улиците “Димитар Влахов” бр.72 и “Таки Даскалот” бр.9.

Судот, исто така, утврди дека во документацијата за спроведување на постапката за донесување на оспорената одлука не постои согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

5. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85, 18/89 и 38/90), просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази: нацрт на план и предлог на план. Нацртите на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа што ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот. Јавната расправа се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма, во рок од 15 дена од извршувањето на јавната расправаа. Врз основа на прифатените забелешки се подготвува предлог на планот.

Според член 32 од Законот, урбанистичкиот план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласенота на просторните планови со одредбите на овој закон.

Според член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието на општината предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Според член 34 од Законот, собранието на општината ги донесува урбанистичките планови на подрачјето на општината, ја според член 37 став 2 од Законот, измените и дополнувањата на просторните и урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој Закон за нивно донесување.

Со оглед на тоа што со усвоените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на просторот означен како слободен се предвидени деловни објекти кои не биле дадени на јавна расправа, ниту нивното предвидување произлегло од јавната расправа, Судот оцени дека измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје И дел не се во согласност со членовите 31 и 34 од Законот.

Со оглед, пак, на тоа што измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план не е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, Судот оцени дека тие не се во согласност со членот 32 од Законот.

6. Од истите причини Судот оцени дека точката 2 од Заклучокот не е во согласност со означените законски одредби.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply